Адреналинскиот дел од паркот наскоро во употреба, се најде закупувач

Фото: Архива

На 3 август беше спроведена електронска аукција на која  со статусот  најдобар понудувач се стекна правното лице „Adventure Side“ ДОО увоз-извоз, Скопје, со највисоко постигната понуда од 47.440 денари за закупнина на адреналинскиот дел од паркот, велат од Општина Карпош.

Измина половина од летото, а Адреналинскиот парк во Карпош чија изградба е одамна завршена сѐ уште не е пуштен во употреба, затоа што локалните власти беа во „потрага“ по фирма која ќе се грижи за адреналинската платформа, за безбедноста на посетителите и ќе наплатува билети.

На огласот кој Општина Карпош го објави минатиот месец избран е најдобриот понудувач, кој треба да ги уплати средствата за закупнина и потоа конечно адреналинската платформа ќе биде пуштена во употреба. Предвидено е тоа да се случи кон крајот на месецов, поточно на 30 август.

Од Карпош објаснуваат дека огласот за давање под закуп на платформата (High rope), бил распишан на 20 јули и траел до 29 јули, и во тој период од девет дена заинтересираните закупувачи можеле да ги поднесат своите понуди.

На 3 август беше спроведена електронска аукција на која со статусот  најдобар понудувач се стекна правното лице „Adventure Side“ ДОО увоз-извоз, Скопје, со највисоко постигната понуда од 47.440 денари за закупнина на адреналинскиот дел од паркот. Понудувачот, во рок од 15 дена од приемот на писменото известување за избор, е должен да ги уплати средствата за закупнина, во согласност со постигнатата крајна цена на месечната закупнина. После тоа, Општината, со него ќе склучи договор – ја прецизираат постапката од Општина Карпош.

Оттаму уште во април годинава информира дека адреналинската платформа е најсоодветно да се издаде под закуп на правно лице, кое ќе ги исполни условите за непрекинато и правилно функционирање на паркот, со што ќе бидат безбедни и граѓаните кои ќе го користат паркот.

Адреналинскиот дел е специфична содржина, каде што корисниците, односно граѓаните треба да бидат соодветно насочени и информирани како да се рекреираат во овој дел, а притоа и да се гарантира нивната безбедност. Покрај тоа, самата опрема на адреналински дел и сите дополнителни работи бараат посебни услови за управување и чување, како и ангажирање на лица со лиценца кои ги разбираат сите стандарди и безбедносни мерки за управување со паркот – рекоа од Карпош.

Фирмата што ќе биде избрана за закупувач ќе има обврска да сервисира одредени трошоци на годишно ниво како што се годишна цена на амортизација, за меѓународна инспекција, надомест на трошок во случај на повреда, но и да обезбеди плати за минимум пет вработени, кои треба да работат со корисниците, да им прикачуваат опрема и да ги информираат.

Освен адреналинската платформа, останатите делови на паркот, а тоа се две игралишта на песок, скејт парк, сквер и детско игралиште, како што неколкупати досега нагласија од Општината, ќе бидат слободни за користење и нема да се наплатуваат влезници.

Колку за потсетување, Адреналинскиот парк се изгради со грант од Европската унија, кој се администрира преку Светска банка. Грантот е во износ од 48 000 000 денари, а локалната самоуправа учествуваше со 6 милиони денари.

Ќе се бара изведувач за салата „Партизан“

Проектот за реконструкција на салата „Партизан“ во Карпош 4 е готов и, како што велат од Општината, само треба да се распише тендер за да се најде најповолен изведувач.

Минатата недела Владата ја разгледа информацијата за реконструкција на спортската сала „Партизан“ во Општина Карпош и ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да спроведе постапка за избор на изведувач на работите и да ги обезбеди средствата во износ од 70.000.000 денари, распределени по годишни износи за 2021, 2022 и 2023 година – информираат од локалната власт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот