43 години од раѓањето на музичката легенда: Најубавите мисли на Тоше Проески за животот

Фото: EPA

„Нема ѕвезди, освен оние на небото. Јас само си ја работам својата работа, а тоа што сум популарен само ме прави успешен“.

На денешен ден, пред 43 години, е роден македонскиот пејач Тоше Проески, човекот што беше синоним за добрина, човекољубивост и ангелски глас. Иако имаше само 26 години кога нè напушти во 2007 година, Проески постигна толку многу во својата музичка кариера и, најважно од сѐ, нѐ сакаше сите, а и ние го сакавме него.

Иако не се фалеше за своите добри дела, оние на кои им помогна и ден-денес се благодарни за неговата хуманост. А, таквите убави приказни се многубројни.

Таков беше и неговиот последен хуманитарен концерт под мотото „Образованието е одговорност на сите“ на Градскиот стадион во Скопје, денешна Национална арена „Тоше Проески“. Парите од билетите, кои чинеа симболични 200 денари, беа донирани за петгодишниот проект за основно образование финансиран од УСАИД. Со нив беа реновирани околу 100 училишта во Македонија и беа значаен придонес за спроведување на образовните реформи.

На овој ден, сакаме да се потсетиме на неговите размислувања за животот, со кои своевремено ја покажуваше својата длабочина и мудрост.

За богатството

„Мене ми е незамисливо кога некој што може да им даде нешто на оние што имаат малку или ништо, ги затвора очите и не им подава рака. Низ годините, јас научив да се однесувам како некои луѓе што ми помагаа кога моето семејство беше сиромашно. Се трудам да им помагам на сите блиски колку што можам, дури и на оние што не ми се ништо. Затоа сум амбасадор на УНИЦЕФ. Живеам одлично, како и порано, и повеќе од тоа не ми треба. Јас бев најсреќен кога му купив автомобил на татко ми. Се вратив од турнеја и не купив за себе, туку купив за него!“

Тоше Проески за време на националниот Избор на песна за Евровизија / 14 февруари 2004 / Фото: EPA/VLATKO PERKOSKI

За пријателите

„Мојата кариера многу ми помогна да ги препознаам вистинските и лажните пријатели. Оние што ми беа вистински пријатели останаа покрај мене и кога работите не беа толку одлични во мојот живот и во кариерата, а во тој момент периодично исчезнуваа другите, но не знаеја дека тој период ќе трае пократко од нив“.

Тоше Проески
Тоше Проески во Хвар, Хрватска / 1 август 2007 / Фото: STRINGER / AFP / Profimedia

За славата

„Целта на мојот живот не е кариера, туку контактот со луѓето, можноста да разменам енергија со нив. Сакам позитивно да влијаам на сите околу мене, тоа е мојата мисија. Никогаш нема да си речам: ‘Браво’. Правам нешто што го сакам, но никогаш не сум воодушевен. Често наоѓам маани, но тоа е дел од мојата работа. Не се идеализирам себеси, ниту кој било друг пејач. Можам само да ги ценам моите колеги. Мојот единствен идол е Бог, а сите други луѓе си ја вршат работата добро или малку полошо. Нема ѕвезди, освен оние на небото. Јас само си ја работам својата работа, а тоа што сум популарен само ме прави успешен“.

Тоше Проески
Тоше Проески за време на националниот Избор на песна за Евровизија / 14 февруари 2004 / Фото: EPA/VLATKO PERKOSKI

За жените

„Секоја жена на овој свет заслужува, барем во очите на еден маж, во еден момент, во една секунда, макар тоа било и само еднаш во животот, да се почувствува како најпосакуваната жена на светот и ако цел живот ми помине во тоа, ќе знам дека не сум го потрошил залудно“.

Тоше Проески со малечко девојче на неговиот последен концерт / 5 октомври 2007 / Фото: ROBERT ATANASOVSKI / AFP / Profimedia

За Бога

„Верувам во Господ и можам само да му се заблагодарам за дарот што го имам, бидејќи тоа што го работам го сметам за мисија што тој ја извршува преку мене. Јас сум само марионета. Исус беше распнат за луѓето. Луѓе блиски до себе. И денес добрите и успешните луѓе се распнати од блиските. На сите ни се случува. И мене. Но, не сум разочаран. Напротив, мислам дека тоа е во човечката природа. Се обидувам да им дадам до знаење дека не треба да го следиме примерот на луѓето што го предадоа Исус. А квалитетните луѓе, луѓето што отскокнуваат, се распнати. Уметници, спортисти… Чекаме прво да станат познати во светот, па дури потоа овде признаваме дека се навистина нешто посебно. Тоа се случува редовно“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот