Са гаќама или без гаќа

Неверојатна е таа фасцинација на српскиот претседател Александар Вучиќ со наводното влијание на Македонија врз состојбите во Србија. По кратката пауза, заради прегрупирање на српската политичка и медиумска сцена, тој повторно зборува за „македонски сценарија“, кои, како што им порача на демонстрантите во Белград, нема да ги толерира.

Тезата со која настапува Вучиќ е дека „група криминалци“, кои Србија некогаш ги протерала (?), сега дејствува во Скопје, а целта им е уривање на власта во Белград. Во таа група бил и Зоран Башановиќ, специјалниот советник на македонскиот премиер Зоран Заев, кому, меѓу другите зла, Вучиќ не може да му прости што некогаш крадел гаќи во трговски центар во Америка.

Патем речено, го имам сретнато еднаш тој Башановиќ. Во едно друго време, имаше и обид да ми се истрие носот поради тоа што не одбранив еден друг член на „криминалната група“ на истиот тој Башановиќ, од наводниот напад на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Нејсе, некако се извлеков од таа српска папазјанија. Тогаш пропагандата на Вучиќ директно го нападна „Слободен печат“, но со нашиот тврд и принципиелен став успеавме на сите да им кажеме и докажеме дека ова е македонски весник, во кој нема да се србува, а тоа подразбира и немешање во внатрешните српско-срспки конфликти, било од политичка, било, не дај боже, од криминална природа.

Али сада су гаќе у питању, другови и другарице!

Са гаќама или без гаќа, мене оваа патолошка загриженост на Вучиќ од Македонија и од нејзините „сценаристи“ веќе не ми изгледа смешна. Таа, заедно со неговата изјава за пресудата на Чавков, објективно претставува мешање во внатрешните работи на нашата земја. Не велам дека сега околу тоа некој треба особено да се возбудува, но мислам дека по дипломатски канал на српскиот претседател треба да му се упати порака дека ние ја разбираме вистинската природа на неговата загриженост – успехот на Македонија да ги реши споровите со своите соседи го мотивира меѓународниот фактор да изврши посериозен притисок врз Србија да го затвори Косовското прашање. Ете тоа го секира Вучиќ!

Дури и да сака – а не сака! – Македонија не може да ѝ нанесе штета на Србија, иако не може ни да ѝ помогне. Официјален Белград сѐ уште ѝ робува на својата заблуда дека само Србите знаат како треба да се менаџираат односите со Албанците и дека тој пример треба да го следат и Македонците. И затоа, нема смисла никој од Македонија да му дели ум на српскиот претседател.

Србите велат – кад доѓе време, само ќе ти се касти!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот