Зошто Русија однапред го поткопува договорот меѓу Косово и Србија

Вучиќ, Курти, руско знаме / Фото Слободен печат

Додека меѓународната заедница на чело со ЕУ силно инсистира за постигнување договор меѓу Белград и Приштина и нормализирање на односите на највисоко ниво во последните десет години, колку што двете страни всушност го водат дијалогот, официјална Москва евентуалното постигнување на политичкиот компромис однапред го осудува на неуспех. Toa е така бидејќи таа е свесна дека со затворањето на косовското прашање таа ќе ги изгуби сите сфери на интерес во регионот.

Ова е накратко сублимираниот заклучок на домашните но и странските експерти кои преку зборовите на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова дека дијалогот помеѓу Косово и Србија ќе доживее неуспех поради сличноста со „Нормандискиот формат“ го оценуваат ставот на официјална Москва како деструктивен по ова прашање.

Западот го стега обрачот околу Косово и Србија за да ја истисне Русија

Ваквите пораки од Москва за познавачот на состојбите на Балканот Џорџо Фрусионе, политичкиот аналитичар и истражувач во Италијанскиот институт за меѓународни политички студии се нормални и нема ништо невообичаено во нив. Тој за „Слободен печат“ вели дека Русија преку правење раздор на Балканот се обидува да се противи на ширењето на НАТО и ЕУ. Според него доколку дојде до евентуално компромисно решение меѓу двете страни, таквиот чин Москва ќе го сфати како чекор наназад во односите меѓу неа и Србија.

Џорџо Фрусионе – Италијански институт за меѓународни политички студии

Правата цел на овој иден договор меѓу Белград и Приштина не е само да се нормализираат односите меѓу двете страни, туку ова решение да има и пошироко геополитичко значење. Поентата е да преку нормализирањето на односите меѓу двете земји дојде до гаснење на „жарот на нестабилноста“ на Балканот, кој тлее во Европа подолго време а истиот требаше досега да биде изгасен. Втората цел, пак на договорот е можноста Западот да покаже дека е единствен за се вклучително и кога станува збор решавањето на косовското прашање. Доколку дојде до нормализирање на односите тоа практично би значело чекор напред на Србија кон Западот и Брисел и во исто време чекор назад за влијанието на Русија во регионот – вели Фрусионе.

Користејќи ги дезинформациите и пропагандата како моќно оружје, Москва во исто време сака да ја запре евроинтеграцијата на Западен Балкан, бидејќи таа како што објаснува Фрусионе смета дека со тоа ќе го запре ширењето на ЕУ и НАТО.

-Војната на зборови има многу важен сегмент во целава оваа приказна. Она што е суштината на односите меѓу Белград и Москва е дека таа поддршка која Русија ја даваше кон Србија за Косово глобално се состоеше од блокирање на Косово во меѓународните организации. Од друга страна таа поддршка досега не се состоеше со некоја дипломатска активност, туку само со бескомпромисна опструкција на Приштина. Москва е свесна дека единствено што може да му понуди на Белград е реторика за непризнавања и блокирања а не некаков конкретен договор за надминување на недоразбирањата меѓу Белград и Приштина. Зборовите на Захарова го покажуваат токму тоа – посочува Фрусионе и додава дека доколку дојде до потпишување на договор во Охрид меѓу двете страни, тоа според него ќе придонесе да има големо нарушување на постојните односи меѓу Србија и Русија.

Слично на ова тема размислува и политикологот Петар Арсовски. Тој објаснува дека Русија не сака стабилизација на Западен Балкан. За Арсовски нестабилноста на регионот и одговара на нејзините стратешки капацитети.

Петар Арсовски за Утрински брифинг
Петар Арсовски / Утрински брифинг

-Прашањето е дали сето ова ќе биде успешно или ЕУ веќе го има потрошено својот кредибилитет за суштински промени во овој регион. Русија не сака да има стабилизација на овие простори бидејќи нестабилноста и одговара за нејзините стратешки капацитети. Затоа единствено што Москва во моментов инвестира во регионот е само да нема западни односи со земјите кандидати за ЕУ, овде говорам за Косово, Србија, Македонија и другите држави аспиранти на Европската Унија – посочува Арсовски.

Колку е лицемерна политика на Москва кога станува збор косовското прашање

Имено, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова неодамна изјави дека лицемерието и дволичноста станале „визит-карта“ на западната дипломатија, како и дека никој ништо не ја прашал Србија во 2008 година за независноста на Косово.

-Слушаме многу обвинувања против нас дека не ги почитуваме одредбите на меѓународното право, дека сме на погрешната страна на историјата и дека Западот е на вистинската страна. Добро се сеќаваме на ситуацијата со едностраното прогласување на „независноста“ на Косово во 2008 година, кога Америка и ЕУ едногласно тврдеа дека создавањето на „Република Косово“ без согласност на Белград не е спротивно на нормите на меѓународното право. Да потсетам, Србија никој не ја прашал. „Белград јасно го кажа својот став, велејќи дека е против тоа“, рече Захарова на неодамнешниот брифинг со новинарите. Таа додаде дека денес, 15 години подоцна, западните земји одбиваат да ги следат сопствените рекламирани „стандарди“ во однос на ситуацијата во Украина.

Инаку, откако двете страни начелно се усогласија за текстот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите, треба да се изработи патоказ за спроведување на договорот. По тој повод, премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе се сретнат претстојниот викенд на 18 март во Охрид додека во медиумите почнаа да се слушаат спротивставени изјави.

Вучиќ порачува дека нема да потпише капитулацијата на Србија, додека Курти е подготвен да го потпише европскиот предлог, јавува РСЕ. Ова е промена на ставовите на двајцата лидери во однос на европскиот предлог, имајќи предвид дека Вучиќ претходно изјави дека е подготвен да работи на неговото спроведување, додека Курти го сметаше само за „добра основа за продолжување на дијалогот“.

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, претходно истакна дека не очекува „церемонија на потпишување“ на договорот за нормализација на односите на 18 март во Охрид.

По посетата на Приштина на 9 март, Лајчак за локална телевизија во Косово изјави дека „по финализирањето на договорот, ќе се знае како тој ќе се спроведе на терен“.

Кои се црвените линии на Белград и Приштина

Европскиот предлог за нормализирање на односите, меѓу другото, треба да доведе до меѓусебно признавање на документите и националните симболи, вклучувајќи ги пасошите, дипломите, регистарските таблички и царинските печати. За речиси сите овие прашања, Косово и Србија веќе постигнаа поединечни договори во рамките на дијалогот. Она што е интересно е дека, прашањето за регистарски таблички и лични документи е регулирано со договорот за слобода на движење.

Но, токму проблемот со регистарските таблички предизвика тензии во 2022 година, бидејќи договорот не беше целосно спроведен, односно на северот на Косово никогаш не беше извршена пререгистрација од српски во косовски таблички. Во 2011 година Приштина и Белград постигнаа договор за меѓусебно признавање на универзитетските дипломи, но тој се применуваше во Србија само до 2014 година. Во меѓувреме, верификацијата на српските дипломи престана и на Косово. Посебен договор има и за царински печати, и околу 30 други, но повеќето од нив не се спроведени на терен.

Во меѓувреме она на што Белград особено инсистира е формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство, за која Приштина упорно одбива да ја формира, тврдејќи дека е штетна за Косово, точка за која и двете страни велат дека тоа се нивните црвени линии во преговарачкиот процес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот