Фото: Pexels.com / TK Dharu

Златото оди накај 4.000 долари за унца – поскапо не било откога се следат цените

Цените на златото надминаа 3.900 долари за унца (околу 28 грама) на глобалните пазари, што ја одразува загриженоста на инвеститорите во врска со затворањето на американската влада и очекувањата дека американската централна банка повторно ќе ги намали клучните каматни стапки за да ја поддржи вработеноста, пишува „Баронс“.

На физичкиот пазар, унца злато вредеше 3.943,01 долари напладне, што е зголемување од 1,5 проценти во однос на затворањето на крајот од минатата недела.

Цената на златото во фјучерс договорите на американскиот пазар, исто така, се зголеми за ист процент, каде што унцата се тргуваше по 3.966,37 долари.

Побарувачката за овој благороден метал беше зголемена од затворањето на американската федерална влада, што ја продлабочи неизвесноста кај инвеститорите и ги поттикна да го насочат капиталот во безбедни средства.

Затворањето на владата влезе во втората недела, бидејќи демократските пратеници истрајуваат со барањата за придонеси за здравствена заштита, а претседателот Доналд Трамп се заканува со бран отпуштања во владините служби и намалување на буџетот.

Доколку претседателот Трамп процени дека преговорите со демократите во Конгресот „не водат апсолутно никаде“, Вашингтон ќе започне со масовни отпуштања на федерални службеници, изјави во неделата висок функционер на Белата куќа, според Ројтерс.

Златото поскапе за речиси 50 проценти од почетокот на годината, а поттик за скокот на цените беше, меѓу другото, силната побарувачка од централните банки.

Инвеститорите го купуваат скапоцениот метал пред состанокот за монетарната политика на американската централна банка.

ФЕД ги намали каматните стапки за четвртина процентен поен во септември, а претседателот Џером Пауел објасни дека темпото на создавање работни места е побавно отколку што би било потребно за да се одржи стабилна стапка на невработеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот