Жителите на населбата Градинар ќе добијат фекална канализација

Општина Кисела Вода на последната седница на Советот направи прераспределба на финансиските вложувања, со што, како што велат оттаму, ќе се овозможи реализација на повеќе инфраструктурни проекти, кои долго време се реална потреба на граѓаните што живеат во оваа скопска општина.

Со прераспределбата на финансиските средства, се обезбедуваат дополнителни финансиски средства, кои ќе се искористат за набавка на ИТ-опрема за училиштата.

– Набавката на ИТ-опрема за училиштата е од клучна важност за најмладите, посебно во време кога целиот свет се справува со ковид- кризата – велат од Општина Кисела Вода.

На седницата е донесена и одлука за изградба на фекална канализација за потребите на жителите на населбата Градинар.

– Реализацијата на овој проект значи изградба на 1,380 метри канализациска мрежа, која ќе овозможи транспорт на отпадните води од населбата до изградените колектори по булевар „Србија“ и покрај Усјанскиот канал – информираат од таму.

Меѓу другото, според најавите, реконструирана ќе биде и улицата „Наум Охридски“ во населба Црниче, во должина од околу 1.000 метри.

Општина Кисела Вода преку својата Програма за комунални дејности предвиде реконструкција на постојната улична мрежа, која ги опфаќа коловозот и тротоарите на улицата „Наум Охридски“ на потегот од улицата „Павел Шатев“ до улицата „Рилски конгрес“. Воедно, на оваа локација ќе се изврши и санација на атмосферска канализација. Конкретно, градежните работи ќе се одвиваат по тротоарот на улицата „Наум Охридски“ – објаснуваат од оваа скопска општина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот