Здравата семејна средина клучна за тргање на децата питачи од улиците

Момче дете питач питачење
Момче кое пита на ул. Македонија во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Ваквата состојба алармира на многу посериозен начин на решавање на проблемот со деца на улица, имајќи предвид дека дел од овие деца не се евидентирани во матичната книга, што ги прави уште посоцијално ранливи и полесно подводливи за низа негативни појави и е спротивно на тоа што го вели Конвенцијата за правата на детето.

Појавата „деца на улица“ сè уште не се сфаќа сериозно, а фактот дека секојдневно сме сведоци на деца кои питачат со родителите или со други лица кои можеби и не им се блиски, укажува на потребата од многу поголем ангажман од надлежните органи, оценува Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител . Според неа, во државава има само три центри за згрижување на овие деца, со максимален капацитет од 24 деца во еден центар, па со тоа и не може да се утврди точната бројка на деца питачи.

По повод 12 април – Меѓународен ден на децата на улица во Центарот за дневен престој за деца во ризик „Патека на надеж“, денеска се одржа настан на тема „Растењето на децата во здрава семејна средина, со квалитетна родителска грижа-клучен сегмент за ефикасно решавање на негативната појава-деца на улица и питачењето“.

Бајрамовска-Мустафа ги презентираше наодите од истражувањето за состојбата со децата на улица во Македонија и посочи дека иако се преземаат мерки од страна на надлежните органи со донесување протоколи за надминување на оваа проблематика, праксата покажува дека ефектите од згрижувањето деца и работа со нив, очигледно не ги дава посакуваните резултати.

– Податоците што ги обезбедивме преку Центарот за социјална работа, Заводот за социјални дејности, од интервјуа со самите родители и деца згрижени во дневните центри, укажуваат на тоа дека причините за појавата деца на улица сè уште не се сфаќаат сериозно, имајќи предвид дека најголем број се од ромската заедница, од семејства што живеат во многу лоши услови, без никакви можности за развој, додава Бајрамовска-Мустафа.

Таа вели дека ваквата состојба алармира на многу посериозен начин на решавање на проблемот со деца на улица, имајќи предвид дека дел од овие деца не се евидентирани во матичната книга, што ги прави уште посоцијално ранливи и полесно подводливи за низа негативни појави и е спротивно на тоа што го вели Конвенцијата за правата на детето.

– Како институција една од нашите препораки е посериозно и посветено работење на надлежните органи. Постои протокол за меѓусекторска работa, односно вклучување на сите институции за решавање на овој проблем. Фактот дека секојдневно сме сведоци дека децата не питачат сами, питачат и со други лица коишто можеби и не се нивни блиски, укажува на потребата на многу поголем ангажман на надлежните центри за социјална работа во чија надлежност се овие деца за да можат да работат со нив и да ги превенираат можните злоупотреби на овие деца, посочи Бајрамовска-Мустафа.

Канцеларијата на Народниот правобранител препорачува локалната самоуправа во секој еден град и место каде што има деца на улица, сериозно да ја мапира оваа појава и заедно со надлежните институции и родителите да ги тргнат овие деца и да им овозможи нормален раст и развој. Најсоодветно решение е да може да се работи со овие деца и со родителите. Исто така, се препорачува за овие семејства кои живеат во многу тешки социо-економски услови да се обезбеди постојан приход, вработување и едукација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот