
Здрав десерт на Стефанија Несторовска: Есенски палачинки од јаболка
Иако на прв поглед палачинките се нешто „веќе видено“, постојат стотици варијации како да ги приготвите и одново да уживате во нивниот разновиден вкус.
Препорачано
Младата инвентивна Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот snestorovskaa, денеска приготви палачинки од јаболка, во кои ќе уживаат сите љубители на овој деликатес што никогаш не излегува од „мода“.
Состојки:
– 90 грама овесни снегулки
– 60 грама млеко од бадеми (или млеко по желба)
– 120 грама пире од јаболка
– 2 лажички прашок за печиво
– 1 лажица јаболков оцет
– 1 лажица мед
– 1/4 лажичка морско оревче (зачин)
– 1/2 лажичка цимет
– 1/4 лажичка кардамом (зачин)
– мошне малку ѓумбир во прав
Доколку користите купечко пире од јаболка, внимавајте да биде со 100 отсто јаболка, без додадени состојки. Јаболковиот оцет се додава за да се добие реакција со прашокот за печиво, која ќе помогне да пораснат палачинките при пржењето и да се добие тој мек ефект.

Начин на подготовка:
1. Сите состојки се додаваат во блендер и се блендира неколку минути додека не се добие соединета кремаста смеса.
2. Може да се користи и рачен миксер или, пак, сите состојки рачно да се измешаат, меѓутоа препорачувам да се користи блендер за максимум мазна текстура.
3. Смесата се остава да отстои на собна температура 5-10 минути за да се згусне.
4. Се загрева нелеплива тава за пржење на средно висока температура и се додава малку кокосово масло или масло по желба.
5. Кога маслото ќе биде загреано, се додаваат околу 2-3 лажици од смесата и се израмнува површината за да се добие форма на палачинка.
6. Се пржи околу 1-2 минути од едната страна, се превртува и се пржи уште 1-2 минути на другата страна.
7. Се повторува со постапката со останатата смеса.
8. Се додаваат преливи по желба и се сервираат топли.
Забелешки и совети:
→ Палачинките може да стојат еден-два дена на собна температура или неколку денови во фрижидер.
→ Палачинките може да се замрзнат. Кога ќе се испржат, се оставаат комплетно да се изладат и се складираат секоја одделно во ќесички за замрзнување. Се оставаат во замрзнувач и до пет-шест месеци. За повторно консумирање може да се потпечат на тостер или, пак, во загреана рерна, во траење неколку минути, односно сѐ додека не се одмрзнат.