
Заврши второто издание на фестивалот за литература и општа култура на „Литература.мк“: „Видик“ отвори нови културни видици
Со промоцијата на сонетниот венец „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски и музичкиот настан „Џез, буки, веди“ на 16 април во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ заврши второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“.
Препорачано
Фестивалот „Видик“, кој се одржа од 2 до 16 април 2025 година, во организација на „Литература.мк“, претстави иновативен спој на различни културни области, отворајќи нови културни видици и давајќи силна поддршка на авторите од сите сфери на културата.
Во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беа одржани 15 настани што ја поврзуваат литературата со музиката, театарот, дизајнот и филмот. На програмата беа промоциите на романот басма „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, книгата посветена на Ѓорѓе Балашевиќ – „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ и партизанскиот роман на Моџо Килингтон – „СФ-СН“, сите во издание на „Арс Ламина“.
Авторката на романот „Три Марии“, писателката Оливера Ќорвезироска на промоцијата рече дека „Три Марии“, иако роман за три жени, сепак не е феминистички роман.
– Во романот не се занимавам со тоа кој чисти по дома и кој работи сѐ, а кој се излежува или се шета… како партнерите си ги распределуваат обврските дома. Тоа не ме интересира и не ми е возбудливо – книжевно. Она што ме интересира во оваа книга се длабоките емотивни врски што си ги оставаат партнерите на себе, тоа што го наследиле како несреќа, бидејќи сметам дека несреќата и траумата се наследуваат во семејствата и низ генерациите. Изборите, судбините доаѓаат како наследство… Ова не е феминистички, туку човечки роман за љубовта – рече Ќорвезироска.

Книгата „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ е посветена на Ѓорѓе Балашевиќ. Во оваа интимна и професионална биографија е застапена колекција од ексклузивни и некои досега необјавени фотографии од Ѓорѓе Балашевиќ. Тоа е книга за кариерата на еден голем поет и за падот на една голема држава.
Балашевиќ беше сјаен хроничар и мудар толкувач на нашето време. Во текот на деведесеттите години на 20 век стана симбол на отпорот кон длабоката балканска провинцијализација и на војната. Се спротивставуваше на силата на глупоста и на глупоста на силата. Сепак, пред сè, ќе го паметиме како поет на интимата и на човековите чувства, како поет на љубовта.
Под партизанската парола „Смрт на фашизмот – слобода на народот“ и со почит кон сите знајни и незнајни херои, кои ги жртвувале своите животи за ослободување од окупаторот, авторот Моџо Килингтон напиша партизански роман. „СФ – СН“ е необичен роман – навраќање на едно подалечно време, но и на еден навидум анахрон, дури и соцреалистички начин на пишување. Поигрувајќи си со таквата форма, авторот го реактуализира херојското време од еден личен, љубовен ракурс, со мошне жив и впечатлив еротски пристап.

„Часови без часовник“ на Владимир Мартиновски не е обична книга – тоа е изблик на бои, облици, зборови и значења. Ова ретко библиофилско издание, во кое текстот е преплетен со интензивно обоени дигитални графики, нуди уникатно читателско доживување со сите сетила. Во книжевна смисла, тоа е поетско дело составено од четиринаесет сонети со по четиринаесет стиха, поврзани во сонетен венец според прешерновско-петраркистичкиот модел.
Публиката уживаше и во музичките настапи на Дина Јашари (со музичарите Андреа Мирческа, Драган Теодосиев и Лука Тошев), Зарина Првасевда, Симеон Ангеловски квартет (со Иван Иванов, Давид Горгиев и Андреј Петровски) и „Рамбл акустик“ во состав: Трајче Стојанов и Александар Јовановски.

На програмата беа и театарската претстава „Лекција“ од Ежен Јонеско, со Јовче Пандев, Калина Велковска и Маја Ѓурчевска, како и монодрамата „Сите најубави нешта“ со Игор Ангелов, во режија на Дејан Пројковски. За најмладите беа изведени музичко-театарските претстави „Магичната флејта на Вулфи“ и „Себастијан и ѕвездите“, а програмата беше збогатена и со изложбата „Соѕвездие на детските сни“, со илустрации од Ване Костуранов.

По повод Светскиот ден на уметноста (15 април) се одржа вечер посветена на уметникот Киро Урдин, со проекција на документарниот филм „Планетариум“ и изложба на негови фотографии и афоризми.
Фестивалот имаше и хуманитарен карактер – средствата од продажбата на билети за музичките и театарските настани ќе бидат наменети за настраданите во несреќата во Кочани.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 277, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-21.4.2025)