
Заврши 14-тото издание на фестивалот „Битолино“, на кое Гран-при доби претстава од Грузија
Со претстава на Театарот за деца и млади „Колибри“ од Унгарија на 7 август заврши официјалната програма на ИДТФ „Битолино“, а во чест на наградените премиерно беше изведена претставата „Аудиција“ на Театарската школа „Бабец“.
Препорачано
Фестивалот традиционално доделува единствена награда Гран-при за најдобра претстава во целина, за која оваа година одлучуваше жири во состав: бугарската актерка и режисерка Ефимија Павлова и македонските актери со интернационална кариера Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска.
„Да се одреди победник е апсурдна, како и апстрактна задача. Мерењето на уметноста е длабоко приватен, емоционален и индивидуален предизвик. Меѓутоа, кога ќе разбереме дека даденото уметничко дело е поголемо од нашите индивидуални и колективни амбиции, патот е појасен. Системот за емоционално водење на нашето тело, ум и душа ни дава јасност. Таканаречените детски претстави се најпонизното искуство за нас возрасните деца. Во уметноста, во нејзината најчиста форма, стремежот е да бидеме безусловно слободни и да можеме да си играме со целиот спектар од нашиот живот. Така, еден од најголемите театарски творци, Јержи Гротовски, честопати велел дека нашиот процес на создавање е via negativa, односно процес на враќање на она кога бевме деца, пред светот на возрасните да нѐ обвие со општествени норми, правила, регулативи и ограничувања“, рече Тони Наумовски во воведниот говор на церемонијата.
Со одлука на фестивалското жири наградата Гран-при за најдобра претстава во целина ја доби претставата „Вошката и мравката“ на Театарот за деца и млади „Нодар Думбадзе“ од Тбилиси, Грузија.
„Претстава која е пример за вибрантна уметност од светска класа, поетска естетика, синергија на ансамбл во својот врвен облик со длабоки културни корени изведени извонредно со голема прецизност и слоевито трогателно раскажување кое има длабок и просветлувачки ефект, како емоционално така и интелектуално. Целосно театарско искуство кое те поттикнува на размислување. Маестрално изведена симфонија од приказна, актерска игра, звук и движење, визуелна естетика, музика, физички живот и на ликовите, актерите, и на куклите, дизајн, динамика, квалитет на енергија, ритам и темпо со јасна визија и насока што нуди магична атмосфера. Искуство кое го запира времето какво што го знаеме и кое ја буди индивидуалната и колективната меморија од нашите претци. Вкоренета во локалниот фолклор, претстава испреплетена од традиционална музика, ритуален гест и фантастични дизајнерски мотиви, одржувајќи ја приказната непосредна и современа, а наративот свеж и привлечен за публиката“, стои во одлуката на жирито.

Дополнително жирито оваа година одлучи да му додели Специјална награда за актерско мајсторство на Ивица Шимиќ од „Мала сцена“, Загреб, Хрватска, а кој ја отвори официјалната програма со претставата „Pale sam na svijetu“.
„Ни претставува огромна чест и привилегија оваа година за првпат да дадеме награда за маестрално актерско постигнување на легендата на хрватското глумиште Ивица Шимиќ за улогата на Пале во претставата ’Пале сам на светот‘ во продукција на театарот ’Мала сцена‘ од Загреб, Хрватска, која ја игра 39 години со над 3.000 изведби ширум светот на повеќе јазици“, додава жирито.
ИДТФ „Битолино“ во своето 14-то издание се одржа од 3 до 7 август во НУ Центар за култура во Битола со 6 претстави во официјалната програма и 4 во придружната програма. Во рамки на фестивалот се одржа и театарска работилница за куклен театар на Државниот куклен театар од Сливен, Бугарија.