Затвор / илустрација / Фото: МИА

Затвореник баран со потерница влегол во скопски хотел и украл сеф и пасоши

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор за 38-годишен скопјанец, осомничен за тешка кражба. Осомничениот е претходно повеќепати осудуван за истородни и други кривични дела и се наоѓал на издржување затворска казна во КПУ Затвор Прилеп, но побегнал и од 5 јули по него била распишана потерница.

Периодот додека бил на слобода го искористил да стори ново кривично дело, па на 8 јули во вечерните часови влегол во службени простории на хотел во Скопје и одзел туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои. Од хотелот тој успеал да украде метален сеф заклучен со шифра, а во кој имало парични средства во износ од околу 1.400 евра, како и клучеви од хотелот, неколку сим картички како и пет патни исправи на гости сместени во хотелот. Вкупната вредност на одземените предмети се проценува на околу сто илјади денари.

Потоа го напуштил местото на настанот, но се вратил следниот ден и кога се приближил до службениот паркинг, му пристапиле членови на обезбедувањето на хотелот. Осомничениот со спреј за самоодбрана ги испрскал во очите и веднаш почнал да бега, влегувајќи во такси возило. Возилото било пријавено и сопрено од полициски службеници кај Градежен факултет Скопје, по што пријавениот бил лишен од слобода.

Во конкретниот случај според јавниот обвинител постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје тој достави предлог за определување мерка притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот