Затворена истрагата за експлозиите на „Северен тек“

Фото: EPA-EFE/Danish Defence Command

Шведските власти денеска ја објавија својата одлука да ја затворат истрагата за експлозиите во септември 2022 година на гасоводите Северен тек 1 и 2, преку кои се транспортира руски гас во Германија, бидејќи немаат надлежност.

„Заклучокот од истрагата е дека Шведска нема јурисдикција и затоа истрагата треба да се затвори“, соопшти денеска шведското Обвинителство.

Покрај Шведска, истрага за експлозиите водат и Данска и Германија. Јавниот обвинител Матс Љунгквист од шведското обвинителство во соопштение рече дека „истрагата била систематска и темелна“.

– Германската истрага продолжува и поради тајноста која владее во меѓународната правна соработка, не можам дополнително да коментирам за соработката што е остварена. Исто така, нема да можам дополнително да коментирам за заклучоците од шведската истрага или да коментирам за сите осомничени во шведската истрага, рече Љунгквист.

Тој додаде дека имал добра соработка со истрагата што ја водат германските власти.

Северен тек 1 и 2, два гасоводи поставени паралелно под Балтичкото Море, директно ги поврзуваа најголемиот производител на гас, Русија, и најголемиот европски клиент, Германија.

Подморската експлозија го прекина Северен тек 1 и го оштети Северен тек 2, кој никогаш не профункционира бидејќи Германија го суспендираше процесот на сертификација непосредно пред Русија да ја нападне Украина во февруари 2022 година.

Освен геополитичкото влијание, истекувањето на гасоводот „Северен тек“ беше огромна еколошка катастрофа со погодени локални диви животни и огромни количества метан ослободени во Балтичкото Море, што аналитичарите веруваат дека може да биде најголемото ослободување на метан од човекова активност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот