Заштитата на сопственото производство води кон апсурди

unsplash
Архива на СП

Последниот случај со стопираниот извоз на македонско брашно на Косово е само уште еден школски пример за отфрлање на некои наши стоки. На таа листа, пред десеттина години, се најде и забраната за извоз на јагнешко месо, под прилично сомнителни околности (нечиток печат).

Тогаш на грчките месарници им бараа на видно место да стои дека продаваат јагнешко од ФИРОМ, а тоа да биде нагласено, дури и на фискалните сметки?!. Косовските власти во 2007 година го стопираа извозот на нафтени деривати од Македонија, под изговор дека не ги задоволуваат високите параметри за квалитет.

Во таа група спаѓа и барањето за двојни лабораториски тестови при извоз на македонски фармацевтски производи кои создаваше придружни трошоци. Имаше и преригорозни проверки за статусот на потекло на македонските стоки, а во тој кош влегува и непризнавањето на сертификатите за квалитет, што беше причина на некои македонски производи да им се забрани влез во дел од пазарите во регионот.

Според експертите, со последниот случај, повторно се прекршени правилата за трговија, кои ги налага Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), но, засега нема најава за санкции за официјална Приштина.

Непринципиелни примери во нашата трговска соработка со соседите има многу, вели за „Слободен печат“, Биљана Пеева Журиќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија.

Секоја земја има право на сопствена заштита на своето производство, но нетарифните бариери се чести во регионалната трговија, а освен овој последниот случај со извозот на брашно на Косово, сме имале слични проблеми и со Србија и БиХ. И без разлика дали тоа се однесувало на меѓусебно непризнаени сертификати за квалитет или анализи, се се тоа некаков вид на нетарифни бариери.
Затоа е потребно да се вклучат повисоките инстанци и на најбрз начин да се овозможи слободен проток на стоките во регионот – додава Пеева Ѓуриќ.  

Според експертите, Македонија не може да направи нешто подрастично за да ги заштити извозните стоки, бидејќи со влезот во Светската трговска организација, маневарскиот простор е прилично стеснет. Дополнително „рацете ни се врзани“ и со спогодбите за слободна трговија. Но, и покрај тоа
што ефектите од протекционизмот можат да се вратат како бумеранг, земјите со кои што традиционално имаме добри трговски врски, наголемо се служат со неинституционални бариери.

– Што се однесува до нашата држава, ние досега не сме се служеле со неинституционални мерки, освен кога воведовме бандероли за увозното брашно, што беше протолкувано како еден вид ограничување во трговијата. Секое попречување на слободниот проток на стоки, значи отстапување од матрицата на постигнатите стандарди во пазарната економија – децидна е Пеева Ѓуриќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот