Зарумени се, Румене

Марин Гавриловски, Фото Архива

За да се надмине огромниот јаз кој бугарската власт го создаде помеѓу двата народа со инсистирањето на ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, треба да се бараат врските кои ќе не поврзуваат, а не оние кои ќе го прошируваат тој јаз.

Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев даде уште една во низата изјави кои во најмала рака може да се наречат контроверзни. Одговарајќи на прашања на бугарските новинари, тој рече дека нашите политичари го граделе идентитетот врз „база на фалсификатите на Комунистичката интернационала, а не на историски факти“ и дека Иван Михајлов не бил фашист, туку фашисти биле оние кои за време, како што вели Радев, на „југословенската диктатура“ во Македонија пратиле „десетици илјади луѓе во концентрациони логори“, поради тоа што биле Бугари.

Радев многу добро знае (како офицер во Бугарската народна армија) дека Коминтерната, или Комунистичката интернационала, била создадена од страна на Владимир Илич Ленин во март 1919 година и траела сè до мај 1943 година. Тоа е историски факт. За разлика од тоа, тој изгледа не обрнувал толку големо внимание на предметот бугарски јазик и литертаура. Да било поинаку, сигурно ќе ја сретнел (и можеби ќе ја научел) песната „Еден дел од Цариград“ на познатиот бугарски поет и општественик од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, Иван Вазов, напишана во Цариград (денешен Истанбул) во 1872 година (47 години пред формирањето на Коминтарната). Во песната Вазов вели: „Тука се меркаат пред твоите очи и се вкрстуваат без некој ред: и муслиманот добродушен, и грк фудулија (оној кој неповикан решава туѓи проблеми м.з.) и лукав, и бугаринот малодушен, и македонец чесен, прав, и работливиот ерменец, и образованиот французин…“ Бугарскиот поет Вазов, 47 години пред Коминтерната споменува поим Македонец, заедно со другите народи кои живееле во Цариград (Бугари, Грци, Французи, Ерменци итн.).  Тоа не е едниствениот пат кога Вазов пишува за Македонците. Во текстот „Страдањата на македонците продолжуваат“, објавен во Пловдивскиот весник „Народен глас“ на 24 април 1881 година, помеѓу другото, тој пишува: „Европа можеби има свои причини да се оглуши и да го избегнува поставувањето на македонското прашање. Но има ли за нас, друга, посилна причина да го подигнеме (македнското прашање м.з.) од тоа дека македонците се наши браќа и дека Македонија е уште поробена“. Овој исторски податок, кој Радев требало да го знае (пред неподготвен да дава изјави) е објавен во бугарската јавност 38 години пред формирањето на Коминтерната.  Постојат уште многу историски извори во Македонија, Бугарија, но и во другите земји каде Македонците како посебен етникум се споменуваат пред формирањето на Коминтерната.

Тој, исто така, многу добро знае дека нема историска потврда на тврдењето дека во Македонија, додека таа била членка на југословенската федерација, имало концентрациони логори (замислете, Радев го користи терминот „концентрациони логори“ – „концлагери“ истите оние во кои за време на Втората светска војна, од страна на бугарската окупациона власт, беа праќани во сигурна смрт Евреите од Македонија) во кои, наводно, биле испраќани десетици илјади луѓе кои себеси се сметале за Бугари. Нема никаква историска потврда дека во Народна или Социјалистичка Македонија во заробеништво се праќани луѓе само затоа што се декларирале како Бугари. Можеби Радев мисли на оние Бугари кои непосредно по завршувањето на Втората светска војна биле заробени на териотријата на Македонија од страна на македонските партизани и судени за злоделата кои ги сториле врз македонското население за време на окупацијата на делови од Вардарска Македонија од страна на Царството Бугарија како членка на Тројниот пакт, во периодот од април 1941 година па се до нејзината капитулацијата.

Историски факт е дека тие луѓе биле судени не за својата национална припадност, туку за воените злосторства кои ги сториле. Тие процеси не се одвивале само против претставниците на бугарската окупациона власт, туку и против сите други кои правеле злодела врз македонскто население, како што биле, на пример, балистите во деловите на Македонија кои биле контрлирани од фашистичка Италија.

Кога сме веќе кај фашизмот, точно е дека не може да се каже дека Ванчо Михајлов бил фашист, ниту пак нацист. За разлика од мноштвото фотографии (тоа е исторски факт) на кои се гледаат офицерите на бугарската армија кои за време на Втората светска војна отпоздравуваат со нацистичкиот поздрав – „Heil Hiter” (ако не се сеќавате, да ве потсетам, тоа е истиот оној поздрав поради кој бугарскиот европратеник Џамбаски од подзаборавената партијата на исто така заборавениот Каракачанов, во април годинава, беше казнет од страна на претсетдателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола), не може да се најде фотографија или снимен материјал на кој Ванчо Михајлов отпоздравува на тој начин. Неговата најблиска врска со нацизмот и фашизмот е пријателството со усташкиот лидер Анте Павелиќ, под чија заштита, во Загреб, Михајлов ги поминал годините на Втората светска војна.

Уште еден историски факт е непобитен, а тоа е дека во септември 1944 гдина, со авион на Луфтвафе (Геринговото воено воздухопловство за време на Третиот рајх), Ванчо Михајлов долетува од Загреб во Софија, па потоа до Скопје за да ја разгледа понудата на Хитлерова Германија на територијата на Македонија да формира квислиншка држава по примерот на Независната држава Хрватска. Прагматичен како и секогаш, Радко (прекарот на Михајлов) гледа дека поголемиот дел од населението не е расположено да ја прифати оваа идеја (формирање бугарска држава под германски протекторат), па си ја подвиткува опашката и заедно со германските воени сили кои се повлекуваат на север, засекогаш заминува од земјата натопена со крвта на стотиците револуционери, борци за автономна Македонија, ликвидирани по негова лична наредба.

Токму тоа, ликвидациите и убиствата се вистинската негова заоставштина. Она по што ќе биде запаметен во историјата, е дека тој е еден обичен, нереализиран терорист. Токму затоа, именувањето на културниот центар на Бугарите во Битола, на чие отворање присуствуваа високи претставници на бугарската власт, од страна на македонскиот народ се доживува како оживување на сенките на страшното минато во кое Михајлов со своите убијци и ликвидатори крстосувал по Македонија убивајќи ги сите оние кои не мислеле како него. Во денешно време, тоа би било како да отворите културен центар кој би го носел името на Осама Бин Ладен, среде Њујорк.

Понатаму, во својата изјава, Радев алудира на тоа дека правата на бугарското малцинство во Македонија не се почитуваат. Ќе илустрирам само еден пример (од многуте) од поновата наша историја, кој ја демантира оваа теза. Имено од 1999 до 2001 година министер за млади и спорт во Владата на Македонија бил охриѓанецот Георги Боев, брат на Вида Боева, личната секретарка на Ванчо Михајлов! Толку за дикриминацијата и непочитувањето на правата на бугарите во Македонија.

Не верувам дека политичарите имаат чувство за срам и дека Румен Радев ќе се зарумени некогаш присеќавајќи се за изјавите кои ги дал. Но, она што можам да му го порачам нему, а посебно на оние политичари кои искрено сакаат добри односи со Македонија, е да се повикаат на делото на Гоце Делчев и на неговата најпозната синтагма, дека „го разбира светот само како поле за културен натпревар помеѓу народите“. Поаѓајќи од тоа, можеби претставниците на Бугарите во Македонија треба да размислат и да го променат името на својот клуб во „Иван Вазов“. Не верувам дека било кој во Бугарија и надвор од неа, би имал против, оваа маркатна личност од бугарската култура и историја да биде симболична врска која ќе го отпочне помирувањето помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. Бидејќи, за да се надмине огромниот јаз кој бугарската власт го создаде помеѓу двата народа со инсистирањето на ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, треба да се бараат врските кои ќе не поврзуваат, а не оние кои ќе го прошируваат тој јаз. Македонците и Бугарите се блисики народи, исто онака како што се и Италјанците и Словенците и Хрватите и Србите.

Ако сакаат бугарските политичари да видат како европски и цивилизирано се решаваат отворените прашања помеѓу соседните држави и народи, треба само да го следат примерот на овие земји во процесот на придружување кон ЕУ. Само така Бугарија ќе може да изезе од „малодушноста“ (карактеристика која толку прецизно ја забележал Иван Вазов во својата песна) и балканштината на деветнаесеттитот век. А Македонија, Македонија е навиканта да трпи и да чека без оглед колку е „чесна и во право“, па ќе го преживее и ова искушение, без оглед дали тоа ќе заврши со вразумување на Владата во Софија или со промена на носењето одлуки во ЕУ со консензус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот