
Започна натпреварот во лежење во Црна Гора: Учествуваат 20 „легачи“ од повеќе земји, а најиздржливиот ќе освои 2.000 евра
По пауза од речиси две години во селото Брезна во Плужине, повторно започна уникатно и неверојатно натпреварување во лежење, кое стекна светска популарност. 20 натпреварувачи ги зазедоа своите места на креветите, овој пат во затворен простор. Станува збор за учесници од различни земји, Руси, Украинци, Турци, Босанци, Срби и неколку црногорски државјани. Наградата за оној што ќе одлежи најдолго засега е 2.000 евра, пренесува српски „Блиц“.
Препорачано
– Натпреварот започна по шегите дека сме познати како мрзливи луѓе, па сакавме да го докажеме тоа. Оваа година добивме околу 50 апликации, а во соработка со психолог избравме 20 натпреварувачи. Колку и да изгледа лесно, ова е сепак тешка психолошка битка. Натпреварувачите имаат сè обезбедено, оброци, пијалоци, интернет и можат да користат паузи од 15 минути на секои осум часа. Тие можат да го искористат тоа време за да одат во тоалет или да прошетаат – вели Миќо Благојевиќ, сопственик на етноселото Монтенегро во Брезна и креатор на ова натпреварување.
На првиот ден од натпреварувањето, неколкумина странски натпреварувачи веќе се откажаа, кога всушност сфатија во што се впуштаат. Сепак, вистинската врева се создаде кога убавата Лидија пристигна на имотот и во собата со креветите – натпреварувачка која победи во 2023 година и го сруши рекордот откако лежеше во кревет цели 50 дена.
– Кога видоа дека Лидија пристигнала, не им беше гајле. Таа кажа дека работела напорно во претходните месеци и воопшто не земала одмор за да може сега да дојде тука и да се одмори пристојно. Ни кажа дека има намера да го сруши сопствениот рекорд и да лежи тука до 2026 година – вели Миќо.
Достапноста на интернет се покажа како еден од клучните фактори за издржливоста на натпреварувањето, бидејќи првата година кога немаше интернет, сите натпреварувачи се откажаа многу порано.
– Нашите натпреварувачи засега имаат интернет, ќе видиме како ќе биде до крајот. Факт е дека иако Црногорците се сметаат за мрзливи, оваа година има помалку од нив на натпреварот. Има голем интерес за нашиот натпревар, веќе пристигнаа странски медиумски екипи, вели Миќо.
Тој додава дека подготовките за следната година веќе се во тек, така што натпреварот ќе се одржи во текот на летото на отворен простор, во сенка на стогодишно дрво.
Црногорците се навистина „мрзливи“: Сè уште трае натпреварот во лежење, веќе 13 дена