Захарова реагира на изјавата на папата Франциск: Западот треба да се откаже од својата амбиција да ја порази Русија

Марија Захарова / Фото EPA-EFE/EVGENIA NOVOZHENINA

Русија соопшти дека поканата на папата Франциск за разговори со Москва за ставање крај на војната во Украина е барање до западните сојузници на Киев да се откажат од својата амбиција да ја поразат Русија и да ја признаат грешката на Западот во војната во Украина, пренесе италијанската агенција АНСА. Папата неодамна изјави дека Украина ќе мора да има храброст да крене „бело знаме“ и да преговара за крај на војната со Русија, по почетокот на инвазијата пред две години во која загинаа десетици илјади луѓе.

Во интервјуто снимено минатиот месец за швајцарската телевизија РСИ, Франциск кажа што мисли за оние кои велат дека Украина треба да се откаже бидејќи не успеала да ги одбие руските сили и оние кои веруваат дека тоа ќе и даде легитимитет на посилната страна. Новинарот во своето прашање го употреби терминот „бело знаме“.

„Тоа е едно толкување, тоа е вистината“, рече тогаш Франциск, според извадоци од интервјуто што треба да се емитува на 20 март. „Зборот „преговарање“ е храбар збор, кога ќе видите дека сте поразени, дека работите не одат добро, треба да имате храброст да преговарате“, истакна Франциск.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментираше дека Западот ја користи Украина како инструмент на својата амбиција да ја ослабне Русија.

„Како што гледам, папата бара од Западот да ги остави настрана своите амбиции и да признае дека не е во ред“, ја цитира АНСА изјавата на Захарова. „Што се однесува до Русија, никогаш не сме ги блокирале преговорите“. Во исто време, Захарова додаде дека ситуацијата во Украина е „без излез“.

Во неделата Украина ја отфрли поканата на папата да преговара за крај на војната со Русија. Претседателот Володимир Зеленски рече дека Светиот Отец е ангажиран во „виртуелно посредување“, а неговиот шеф на дипломатијата рече дека Киев никогаш нема да капитулира и му порача на Ватикан да посвети посебно внимание на својата улога во Втората светска војна.

По бурната реакција на Киев, Ватикан објави дека папата Франциск не повикува Украина да се предаде, туку на прекин на огнот и храброст во преговорите. Украина повторува дека се бори за опстанок и дека нема да запре додека не го протера последниот Русин од својата територија. Зеленски минатата недела рече дека Русија нема да биде поканета на првиот мировен самит што треба да се одржи во Швајцарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот