Загубениот стратешки курс на европските реформи во безбедносниот сектор (1)

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Немањето стратешка рамка или компас за да се соочите со реалноста е проблем кој на долги стази ќе и се врати како несакан бумеранг на Европа. Еден таков проблем во сите наведени примери е стеснување на видикот, па наместо колективниот курс го гледате индивидуалниот. Тоа се одрази во мигрантската криза, во пандемијата, а и сега со Украина.

Деновиве има голема дебата околу претстојната офанзива, а посебно околу протечените информации од Пентагон за тоа каков е пристапот на Американците кон одбраната на Украина. Паралелно на тоа, посетата на Макрон на Кина е во фокусот на вниманието на голем број западни аналитичари кои експлодираа во спектарот на лојалност и на стратешки курс – како понатаму. Истовремено, дебатите на домашен план околу буџетот во одбраната наликуваа на сé, ама не на сериозни дебати кои имаат за цел суштинска анализа за потребата од таков буџет и што навистина значи тој во реалноста.

Тука, драги мои, за мене е личниот очај оти најверојатно целиот консумеризам и површност нé одвела во фаза која оние кои се занимаваат со стратешко одржување во било која форма имаат термин за тоа: „beyond reparable“ – во најслободен превод „не се поправа“ или колоквијално „Цацко, дај друго дете!“). За да дадеме подобра рамка за разбирање на проблемот за кој ќе продискутираме овој пат анализата ќе ја градиме од аспект на реформите во безбедносниот сектор. Со други зборови, како реформите во овој сектор како рамка се одразуваат врз политиките кои државите ги водат. Значи, не само какви политики државата ќе презме за да го реформира секторот, туку и обратно. Притоа претпоставката за ваквата дебата доаѓа од потрагата по  егзистенцијалноста на народот, нацијата, на државата. Или, со други зборови, опстанокот е тој кој бара на овој проблем да се гледа во две насоки – не само како државата ќе ги води овие реформи кон тој сектор туку како заканите кои тој сектор ги перцепира-консидира ќе влијаат за државата да се организира.

Да тргнеме по ред оти имаме многу да по прикажеме и тоа ќе го сториме во неколку последователни броја. Најпрвин ќе разјасниме каде и како е погрешен пристапот околу реформите во безбедносниот сектор, а потоа етапно од апсект на различните инструменти на политичка моќ преку примери од сегашноста ќе се обидеме да аргументираме зошто стратешкиот курс недостига во реформите во безбедносниот сектор. Генерално, во пракса голем број организации кои со право се фокусираат на овој процес имаат парцијален пристап, фокусирајќи се на оперативно рамниште. Едноставно ја скокаат стратегиската рамка или поради политичка коректност, или за да останат океј со властите каде помагаат или, пак, оти не можат да се справат со сопствените ега и да признаат дека промашиле, иако некогаш тоа е поради некомпетентност. Како и да е, стратегиската рамка фали во пристапот на реформите што генерира голем број проблеми во водењето и во градењето на политиките, оти, да не се лажеме од тука ви потекнуваат сите политики.

Земете ја на пример безбедноста – енергетска, социјална, еколошка, економска, лична-индивидуална, сајбер или информациска безбедност итн. Факт е дека безбедносниот сектор е само еден сегмент од државноста, ама факт е дека има фидбек кој создава импакт врз останатите политики што ги водите. Конечно, целата идеја за создавање на државата, барем според најопшто прифатената теорија, е заради безбедност – во договорот за формирање држава народот, заради безбедноста ја тргувал слободата со власта. Повратната спрега била креирање регулатива со која народот ќе може да ја контролира власта – на пример, слободни избори, па дури и предвремено отповикување на мандатот што им е доверен, ако не си ја вршат задачата како треба (за инженерингот и за политиките со кои масите се манипулираат во друга политика и серијал).

Дополнителна илустрација во оваа насока може да биде сајбер просторот каде, на пример, сега се случува една друга трговија која се одвива без стратешки компас – тоа е „тргување на слободата за услугите“ што само по себе е суперпроблематично при креирање на политики од органи кои ви се дизајнирани за вертикален свет, не за хоризонтален каков што е дигиталниот, сајбер просторот во кој државата е само еден актер од многуте, ама не е доминантен, барем како што засега стојат работите. Но, за тоа поопширно во наредните броеви.

Пред да го објасниме ставот, бидејќи претпоставуваме дека ќе има многу реакции, оти сите ставови за реформите во безбедносниот сектор се врз база на тоа што се форсира од дел од организациите кои се водечки во оваа сфера, но кои секогаш имаат ограничувања, што е разбирливо заради неколку причини (на пример, донаторите на проектот, внимателност и политичка коректност кон властите каде се помага за реформи во секторот, политиките на организацијата која го прави, секако и менаџментот и многу други фактори на кои ќе се осврнеме детално во наредните броеви) ќе заклучиме дека оваа расправа има за цел да укаже како немањето стратешки курс во реформите во безбедносниот сектор (што уште еднаш е улица во две насоки) влијае или може да се одрази врз идната светска архитектура.

Да тргнеме по ред. Идејата за реформите во безбедносниот сектор (РБС) има своја меѓународно-правна основа во Повелбата на ООН, од каде дел од органите и „афилираните“ агенции и тела на ООН ја влечат основата за стратешките заложби и од каде дел од водството на државите (барем оние паметните и одговорните) ги влечат стратешките рамки во кои се прават овие реформи. Едноставно, кажано РБС претставува процес кој треба да ја обезбеди реформата – прилагодувањето за безбедносниот сектор да биде способен да испорача за населението прифатливо безбедносно опкружување во кое тоа ќе може да функционира слободно и сигурно, да има соодветен развој според дефинирани и договорени правила (помеѓу властите и народот како највисок суверен по ранг) како суверено право и одговорност на секоја влада. Тоа, во најопшта, наједноставна форма значи дека водството кое е ополномоштено од народот да владее и да управува ги користите сите инструменти на моќ (дипломатија, економија, информации и употреба на сила) за да го стори тоа.

Во пракса значи дека трансформацијата на безбедносниот сектор треба да претставува баланс помеѓу две работи. Прво, зајакнување на одговорноста, ефективноста и почитувањето на човековите права и владеењето на правото. Не владеење по правото – ова го дискутиравме како дискурс во минатите броеви бидејќи тоа, покрај останатото, сега Кина и до некаде и Русија се обидуваат да го реформираат. Второ, искористување на целокупната мудрост и инструменти на моќ за да го обезбедите тоа, при што употребата на сила и начинот на кој ќе ја користите (вклучително и сите придружни елементи, на пример како ќе превенирате нешто, колку ќе следите некого преку сајбер просторот или во современите информациско-комуникациски технологии, интернет и слично) е крајниот и мошне битен сегмент. Последното, за жал, се подзаборави во целиот либерален занес посебно кај Европејците кои сега мака мачат како да се оправат.

Да не се разбереме погрешно. Никој не вели дека првата и основна ставка во реформите не е битна. Туку дека втората – прилагодувањето на безбедносните капацитети како одговорност на државата кон своите граѓани да испорача сигурност и безбедност е запоставена. Најпресно за ова е признанието дека Европа не изградила капацитет како да се справи во услови на војна. Овде никој не спори дали и колку бргу ќе го оправат овој кикс. Ама факт е дека потфрлиле. Подетална анализа на оваа констатација упатува за загубен стратешки курс во приказната. Еве само неколку факти кои се дополнување на ваквата констатација. Иницијално Европа мошне лошо се справи со бегалската/мигранстака криза, со ковид пандемијата и со Украина. Било какви забелешки за одговорот од типот на квазилибералните „најс талк“ објаснувања се неиздржани. Едноставно преку сите, а и на некои други сегменти, предизвикувачите на либералниот свет успеаја да поентираат, да го продлабочат „рифтот“ помеѓу сојузниците и да ги зајакнат своите капацитети за влијание. Оттука, немањето стратешки курс или негово губење без да биде прилагоден на промената на ситуацијата за да генерирате соодветна безбедност и сигурност (од било која причина, незнаење, некомпетентност и сл.) создава несигурност. Несигурноста во сојузите, каква што беше Југославија, на пример, влијае на засилување на центрифугалните сили што е лошо за иднината на сојузот. Брзите политики и санации се добри ама се парцијални и без стратешки договор и рамка може да бидат контрапродуктивни.

Во пракса, без стратешки курс во тие реформи кои требаше да почнат да се случуваат можеби малку порано во Европа, немате ништо. Стратешкиот курс е тука да даде правец како да се помират екстремите (лево и десно) и да го најдете новиот баланс. Еве, на пример, земете ги последните обиди решително, без политичка коректност да кажете дали Украина треба да биде дел од НАТО или не, каков и да е одговорот на тоа и колку и да изгледа болен или страшен. Немањето стратешка рамка или компас за да се соочите со реалноста е проблем кој на долги стази ќе и се врати како несакан бумеранг на Европа. Еден таков проблем во сите наведени примери е стеснување на видикот, па наместо колективниот курс го гледате индивидуалниот. Тоа се одрази во мигрантската криза, во пандемијата, сега со Украина и со геостратешката компетиција која е во цут. Во следниот број ќе позборуваме токму за тоа и за посетата на Макрон на Кина и ефектите од тоа по иднината на нештата на безбедносен план.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

(Продолжува)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот