Заглавена држава

Ѓорѓи Тоновски - професор / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

На сево ова може да се одговори само со конструктивен дијалог и национален консензус помеѓу македонските граѓани и организираните субјекти под мотото – Македонија мора да биде стабилна, просперитетна и демократска држава. Секое однесување што би било надвор од оваа рамка, нема да се смета за придонес во македонското опстојување и иднина.

Турбуленциите низ кои минува македонската држава, гледано низ призмата на светското историско-државничко искуство, не се ништо ново. Големите демократии на својот пат кон зрелата цивилизација минуваа низ вакви турбуленции назад во времето. Но, она што ги разликува нашите турбуленции е дозата на конфузија, незрелост и неум во дејствувањето на учесниците во нив. Тоа ја потресува македонската политика и нејзиниот пат кон цивилизацијата и демократијата, односно кон Европската Унија. Големите демократии ја градеа и ја доградуваа својата демократија и државност, без можност да учат од туѓи искуства. Нивниот успех подоцна беше патоказ за другите што тргнаа по овој пат. Паметните политички и општествени движења учеа од напорите на овие земји и народи и слично на нивниот терк ги создаваа своите државни творби. Поаморфните и поанемичните народи тоа го направија подоцна.

Нашите турбуленции, кои имаат и примеси на ирационалност, се сведоштво дека историско-државничкиот градителски потфат е исклучително сложен и напорен. Иако формално-правно темелите на новата млада македонска држава се поставени, сепак на фонот остануваат уште големи предизвици кои бараат мобилизирана општествена акција и енергија за стабилизирање на државата, а со тоа и за афирмација на нашиот етникум во светски рамки. Ирационалното е дека турбуленциите се сведоштво дека се игнорираат туѓите историско-државнички искуства за градење на државата и на демократијата.

Мора што побргу да се ослободиме од евентуална ароганција и лажна претстава за сезнајност и да создаваме општествен амбиент што ќе го насочува нашиот колективен дух/ум и нашето етничко бивствување на теми и проблеми кон повеќе аспекти на нашето заедничко живеење: кон национална солидарност; развивање модерен тип патриотизам (помина времето на ножот и камата – слобода или смрт); надминување на поделбата на населението на происточна или прозападна меѓународна ориентација на земјата; да се елиминираат дисонантните и дивергентни ставови на популацијата во однос на демократијата или мултикултурализмот на земјата; да се негуваат цивилизирани односи меѓу опозицијата и власта без елементи на омраза и одмазда; политиканството и отворената болна амбиција на поединци за власт да се заменат со ангажман во кој првенствено треба да се води сметка за општиот општествен интерес; да се надмине доминацијата на волјата на политичките елити над народната волја; да се обнови срушеното владеење на правото и слично.

Извор на турбуленциите и на несигурноста на луѓето е нефункционирањето на институциите на политичкиот систем. Воспоставена е состојба на „заглавена држава“ со многубројни заглавени предлози на закони и други одлуки и отсуство на стабилни контролни механизми за одговорно однесување во општеството. Преминавме од состојба на „заробена држава“ во состојба на „заглавена држава“. Додека „заробената држава“ е фашистичка творба кога целата држава е сопственост на фашизоидна врхушка на антидемократски режим (прислушување, атак врз општествениот капитал, незаконски притвори и „лустрации“, читај – политички прогонства на неистомислиници, клиентелистичко судство, инквизитерство и егзекутори и слично), „заглавената држава“ ја карактеризираат елементи на хаотичност и неефикасност. Во неа има растурено судство, ученици без учебници, катастрофално губење на довербата во институциите, хибриден систем, „валкана држава, dirty state“, вечно недограден автопат, неефикасно функционирање на избраната власт, економско назадување, низок животен стандард, раст на бедата, и слично.

Односите помеѓу власта и опозицијата наликуваат на филмска сторија во која се води војна помеѓу земјаните и вонземјаните. Ако секој закон треба да регулира определена сфера од општеството, тогаш штом многубројни законски предлози се заглавени во парламентот, значи дека државата во многу делови од општественото уредување функционира по стар терк, кој е неприлагоден на новите општествени услови или по пат на инстинкт и импровизации. Таквата држава е некомплетен, нефизиономиран, а со тоа и нефункционален систем на управување што се одразува врз функционирањето на самата државна власт и врз состојбите во општеството. Тогаш има заглавена држава која се гуши во самата себе и е неефикасна во својата акција.

Надминувањето на ваквата состојба претставува голем предизвик пред кого се исправени политичките субјекти во македонската држава. Одговор на сево ова е – само конструктивен дијалог и национален консензус помеѓу македонските граѓани и организираните субјекти. Тој дијалог и договор треба да се покрене под мотото – Македонија мора да биде стабилна, просперитетна и демократска држава. Секое однесување што би било надвор од оваа рамка нема да се смета за придонес во македонското опстојување и иднина.

Кај „заробената држава“ дискурсот за општествените прашања беше недозволен. Дури и хуморот и сатирата беа прогласени за опасни. Сферата на власт беше мистериозна, клиентелизмот не дозволуваше критичко јавно мислење за актуелни политички случувања или за интерпартиски (интеркоалициски) односи. Важеше слоганот: „Вождот пред се, тој е секогаш во право”. Интересно е дека и после толку години од распадот на македонскиот фашизам никој од врхушката (со чесни исклучоци) не се здоби со храброст да го прокоментира тоа време, тие настани и тој внатрепартиски амбиент – стравот сè уште не исчезнал, како од другиот, но исто така и за сопствените постапки во тој хир. А би било интересно четиво, дури и за науката.

Кај „заглавената држава“ парламентаризмот на моменти ја губи својата суштина. Наместо арена за идеи, политиката често е арена на неконтролирано и некултивирано, па и насилно однесување на дел од избраните; демократските процеси се под силен притисок на политичките елити; односите во политичките партии неретко се под пресудно влијание на доминантната волја на партиското тесно раководство; дури некои партии од јавноста се доживуваат како „султански партии“ и слично. Ваквото ниско демократско ниво потоа се рефлектира и врз активноста на самите пратеници. Ваквата состојба не е продуктивна за широка сериозна дебата. Во вакви услови „прогресот“ сега е во тоа што имаме повеќе „вождови“. Сепак, од аспект на човековите права, „заглавената држава“ носи повеќе слободен, свеж воздух. Некои велат дека барем тоа ни остана од грандиозната Шарена револуција. Нејзините пароли за правда и мир ги оставивме за некои идни попродуктивни времиња.

Македонската политика е вовлечена во некаков волшебен круг на длабоко поделено општество, но таа и натаму запаѓа кон полошото – кон лавиринтот на длабоко затруено општество. Нужни се големи и мудри напори и потези на сите општествени субјекти за да се излезе од ваквата навидум безнадежна состојба. Прво треба да се отвори културен, смирен дијалог и сериозна намера меѓу најповиканите во општеството (елитите и општествената јавност) да се дефинираат и да почнат да се оживотворуваат најквалитетните и најпросперитетните идеи и ставови за судбината на македонската држава. Мораме да го преминеме Рубиконот и да се насочиме кон проектот модерна европска демократска држава со висок животен стандард. Мораме да успееме, зашто во спротивно историјата ќе не регистрира како еден етникум, кој поради неуспешен државнотворен обид не влезе во европскиот дом на умните народи. Македонската држава е грандиозен и свет проект од животна важност за Македонците и за сите граѓани што сплотено живеат на македонската територија. Нивна одговорност и задача е тој проект да биде дефинитивна реалност и остварен историски сон на Македонците.

 

(Авторот е универзитетски професор по социологија)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот