Заев за „Катимерини“ открива: Често сум во Грција, моите деца учат во Солун, по Преспанскиот договор многу сме поблиски со јужниот сосед

Интервју на Заев за Катимерини/Фото: Скриншот

Поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ се осврнува на придобивките од договорот од Преспа, како за неговата земја, така и за Грција и поширокиот балкански регион. Заев кој минатата недела престојуваше во Грција по повод Економскиот форум Делфи, зборува за блиската соработка што сега постои меѓу двете земји и се заблагодарува на грчката влада како за помошта што и ја понуди на неговата земја за време на пандемијата, така и за поддршката за полноправно членство во НАТО и за европските интеграции.

– Попријатно е од порано бидејќи луѓето ги видоа придобивките од договорот. Нашите земји и порано имаа некаква економска соработка. Но, сега, после Преспа, се е отворено. Во Северна Македонија беа направени многу инвестиции од Грција, особено во енергетиката, додека во периодот на коронавирусот, Грција ни помогна со тоа што ни обезбеди вакцини. Сега градиме заеднички енергетски пазар и се обидуваме да бидеме отпорни и подобро подготвени за идните енергетски кризи. Ние сме мал регион и ако работиме заедно, навистина ќе бидеме посилни, вели Заев.

Екс премиерот на прашањето дали има сè уште внатрешни тензии за новото име или за античката македонска историја, одговори:

– Некои десничарски партии сè уште не го прифаќаат, но сега е во нашиот устав. Не е само одобрување на договорот во парламентот, туку преку овој договор го сменивме уставот. Знам дека што и да се случи во Северна Македонија во иднина, Уставот мора да се почитува. Дури и лидерот на опозицијата Кристијан Мицкоски јавно коментираше дека нема враќање назад. Затоа мора да продолжиме во иднина. Како што тогашната грчка опозиција беше против, денес како влада наоѓа начини и ја продолжува соработката, бидејќи никој не сака да уништи нешто што е од корист за двете страни, нагласи Заев за „Катимерини“.

Тој изрази уверување дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува договорот од Преспа и нема да го поништи.

-Верувам да. Мора да го почитуваат договорот, мора да го следат уставот затоа што се една од најголемите партии во државата. Без разлика дали ќе останат во опозиција или ќе станат власт во одреден момент, тие прво мора да го почитуваат нашиот Устав, бидејќи Уставот е најголемиот правен акт во државата. Освен тоа, тие мора да бидат паметни и да продолжат да работат заедно, бидејќи на крајот на денот луѓето сакаат да имаат подобар финансиски живот. Треба да се напомене дека регионот по договорот од Преспа се менува и тоа не само во енергетскиот сектор, туку и во земјоделството, текстилот, металната индустрија, насекаде. Тоа е многу видлива соработка, додека се чекаат повеќе од 2,5 милијарди евра инвестиции од Грција во Северна Македонија, во енергетиката и другите сектори. Износот одговара на 25% од нашиот БДП. Навистина сум многу благодарен и за новата грчка влада – која не е толку нова бидејќи имате избори – која го поддржува нашето полноправно членство во НАТО, што значи стабилност и безбедност. Премиерот Мицотакис, министерот Дендиас и другите се бореа толку позитивно за Северна Македонија во Европската унија, Европскиот совет и Советот на Европа. Ова го прават пријателите и ние сме многу благодарни и нашите граѓани го знаат тоа, рече Заев.

На прашањето дали македонските граѓани по договорот го смениле чувството и сега се гледаат поблиску до Грција отколку до Турција, Заев одговори.

– По Преспа се гледаат поблиску до Грција. Бевме многу блиски со Турција и сè уште сме, бидејќи постои поврзаност со граѓани кои имаат турска националност. Но, по Преспа, бидејќи Грција е нашиот прв сосед, а Турција не е наш сосед, стана многу видливо дека Грција е еден од нашите најверни пријатели и тоа го гледаме во анкетите. Сега, анкетите ја покажуваат Грција како еден од петте најдобри пријатели на Северна Македонија, додека пред Преспа, таа беше еден од нашите три најголеми политички непријатели. Денес, многу се радувам кога гледам семејства како меѓусебно комуницираат, се посетуваат, доаѓаат на пазарење, за медицинска нега на пр. на забар, додека доаѓаме на кафе, на храна, на пазарење, особено во Солун. Како политичар многу често сум во Грција, бидејќи моите деца учат во Солун и запознавам многу луѓе. Сите се толку љубезни, а има и такви кои велат „Господине Заев, јас сум против договорот од Преспа, но вие сте добар човек. Затоа, ајде да работиме заедно“, рече Заев.

Заев верува дека најдоцна до 2030 година Северна Македонија ќе биде земја членка на ЕУ.

-Сите овие 17 години колку што имаше полемики за името, сменивме многу законодавства, го искористивме овој пат да го усогласиме нашето законодавство со европското, така што ќе имаме побрз пристапен процес во споредба со другите земји, рече Заев во интервјуто за „Катимерини“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот