Заев: Нема одлагање на изборите

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Централниот и Извршниот одбор на СДСМ вчера на одделни седници одлучија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да биде технички премиер во преодната влада од 3 јануари 2020 до формирањето на новата влада по изборите во април. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе биде вицепремиер за економски прашања, на местото на Кочо Анѓушев.

Изборот за технички премиер официјално го соопшти претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев по седницата на ЦО, на која и претходеше и седница на Извршниот одбор на партијата. Избрани се и двајца дополнителни заменици министри во преодната влада: за МВР – Славјанка Петровска, досегашен шеф на кабинетот на министерот Спасовски, а во МТСП – Санела Шкријејљ, досегашен шеф на кабинет на Царовска.

Заев рече дека одлуките за четирите кадровски решенија биле едногласни на седниците на двата партиски одбора.

– Имаме намера да одиме напред кон демократскиот свет и тоа е многу важно, но истовремено е важно во овие 100 дена да не застанат работите, односно да течат економските политики, да течат реформите, да продолжи да се трансформира нашето општество кое што е исто така значајно, за да не се нанесат штети како во минатото за време на избори – нагласи Заев.

Премиерот истакна дека верува оти преку сериозноста на ваквите кадровски решенија испраќаат дополнителна порака дека се сериозна политичка партија којашто сака сериозно да се посвети на периодот што претстои.

– Извршниот одбор и Централниот одбор на паријата за нов секретар за меѓународна соработка на СДСМ го избраа Бојан Маричиќ кој до скоро беше советник за европски прашања во мојот кабинет, тој сега е координатор за европски прашања при Владата и исто така е технички преговарач со ЕУ за одлуката која ја очекуваме за почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ – посочи Заев.

Рече и дека верува оти СДСМ дефинитивно со своите одлуки уште еднаш само ја потврдува увереноста кај огромно мнозинство граѓани дека опцијата да се избере прогресот, просперитетот, интеграцијата, пријателството, солидарноста, градењето на мултиетничкиот карактер на нашата држава сепак останува главниот фактор за определба.

Одлагање на изборите нема. Јас на 3 јануари ќе ја поднесам оставката во Владата. Парламентот треба да ја констатира оставката и со тоа паѓа целата влада. Истиот ден претседателот Пендаровски треба да му даде мандат на Оливер Спасовски кој треба да ја предложи новата влада и парламентот да ја изгласа, изјави претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев вечерва на прес-конференцијата на која ги соопшти одлуките на Извршниот и Централниот одбор на партијата Спасовски да биде технички премиер во преодната влада.

Потврда за сериозноста дека нема одлагање на изборите, рече, се кадровските решенија договорени за преодната влада.

-Дадовме збор, а и опозицијата стоеше на зборот и денеска го заокружи пакетот на закони во Собранието што имаат реализација од 1 јануари. Останаа законите кои може да се донесат во јануари и може да се имплементираат следната година, истакна Заев одговарајќи на новинарски прашања во партиското седиште.

Ги почнуваме, рече, законските рокови – стоте дена од денот на изборите наназад. Нагласи дека СДСМ не се откажува од една изборна единица затоа што е добро за државата и правично за сите.

– За една изборна единица можеме да одлучуваме сè до 12 февруари односно до 60 дена пред изборите додека работи Парламентот. Ние не се откажуваме од ова прашање, а и колегите од помалите политички партии, помалку бројните етнички заедници се про и сакаат. Тоа е и наше изборно ветување. Треба и другите политички партии, како ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да седнат, а јас утре ќе го отворам и тоа прашање, доколку и господинот Мицкоски сака да разговара. Убаво е ако за тоа одлучиме со консензус. Утре ќе ја искористам средбата со првиот човек на најголемата опозициска партија, можеби ќе најдеме одредено решение, рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот