За основање финансиско друштво, наместо 6 сега се потребни 30 милиони денари

Брзи кредити - кеш на рака / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Основањето на финансиските друштва во Македонија е овозможено со Законот за финансиски друштва кон крајот на 2010 година, а првите се регистрирани во 2011 година. Според регистарот на Министерството за финансии, во земјава работат 35 финансиски друштва

Од 6 на 30 милиони денари, односно за петпати е зголемен минималниот износ за основање на компаниите што даваат брзи кредити од јули 2023 година („Службен весник на РСМ“ бр. 154/2023). Овие пари не смеат да бидат обезбедени од заеми или кредити. Основањето на финансиските друштва во Македонија почна со Законот за финансиски друштва од крајот на 2010 година, а првите се регистрирани во 2011 година.

Според регистарот на Министерството за финансии, во земјава работат 35 финансиски друштва (последно ажурирање април 2023 година). Од тоа, 23 се во Скопје, 3 во Битола, 2 во Прилеп и по едно финансиско друштво во Струмица, Штип, Радовиш, Кавадарци и Охрид. Некои од нив имаат развиена деловна мрежа низ земјата. До 30 јуни 2023 година, вкупната кредитна изложеност на граѓаните и фирмите во земјава била седум милијарди евра, а изложеноста кон финансиските друштва 140 милиони евра или само два отсто од вкупната кредитна изложеност, покажа статистиката на НБРСМ.

Последните законски измени го утврдија и максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитите, се укина можноста за земање кредит за затворање претходно достасан кредит во исто финансиско друштво, а се укина и можноста трговските друштва што поседуваат дозвола или лиценца во согласност со Законот за игрите на среќа и за забавните игри, да можат да бидат кредитни посредници на финансиско друштво, односно да нудат кредитни производи. Измените предвидуваат финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки кредит, ако со договорот или со услугите поврзани со него е утврден надоместок или повеќе надоместоци коишто не влегуваат во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци, а коишто самостојно или во комбинација со кој било друг надоместок надминуваат или може да надминат 60 отсто од износот на одобрениот кредит, информираа од НБРСМ.

– Измените имаат за цел да се обезбеди поголема заштита на граѓаните корисници на услугите на финансиските друштва, да се зголеми довербата во овие друштва, како и да се воспостави поголема контрола на ризиците коишто можат да произлезат од нивното работење – образложуваат од НБРСМ.

Финансиските друштва се мал, но еден од најбрзорастечките сегменти од финансискиот систем, а интересот за нивно основање не запира.

– Кредитната активност на овие субјекти е насочена, пред сѐ, кон граѓаните и малите компании, кои не можат да земат банкарски кредит или имаат итна потреба од средства. Околу 10 до 15 отсто ги користат нашите услуги најчесто за да ги покријат здравствени проблеми. Инаку, најчестите злоупотреби на личните податоци доаѓаат од кругот на семејството, поточно од оние на кои им се достапни матичниот број или пинот на платежната картичка – посочи неодамна Никола Јошевски, претседател на Групацијата за финансиските друштва при Стопанската комора на Македонија.

Токму затоа целта на нивната нова кампања е заштитата на личните податоци, која вклучува повеќе институции.

– За финансиските друштва големо значење добиваат правниот и репутацискиот ризик, што се поврзува со сѐ поприсутните информации во јавноста за злоупотреба на личните податоци на физички лица од страна на други лица при земање онлајн кредит од финансиските друштва. Потребно е значително зајакнување на процедурите за идентификација на клиентите при одобрувањето онлајн кредити, за да се минимизираат можностите за ваквите злоупотреби, но и за да се зачува репутацијата, па и идниот опстанок – констатираат од НБРСМ.

Сепак, од НБРСМ предупредуваат дека ризиците од овие друштва се поврзуваат со можноста да предизвикаат презадолженост на одделни слоеви од населението. Ова од една страна е поради високите цени (особено високите други надоместоци) кои дел од финансиските друштва ги наплатуваат на одобрените кредити, но и поради фактот дека финансиските друштва овозможуваат пристап до кредити за клиентите со послаба кредитоспособност, кои потешко се квалификуваат за кредити од депозитните финансиски институции, објаснуваат од НБРСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот