За да имаме брза пруга, ни требаат 4 милијарди евра: Возовите ќе „летаат“ од Белград до Скопје, а потоа мора да кочат

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Дури и целосно да се реконструира сегашната пруга, возовите нема да може да возат повеќе од 100 километри на час. Има план и за сосема нова траса од Скопје до Гевгелија, но за тоа ни требаат дури 4 милијарди евра. Алтернативата е етапна реконструкција

Некогаш се одеше со воз до Минхен, Париз…, а денеска одвај се стигнува до Гевгелија. И покрај набавените кинески возови, упатените велат дека возниот парк е прескромен за да можеме да зборуваме за некакво интензивирање на внатрешниот железнички сообраќај, а камоли на надворешниот. Во границите на државата се редуцираат и линиите што ги имавме, а на железничкиот возен ред нема ниту еден воз за преку граница.

Никола Марков, директор во Железница-Инфраструктура, вели дека наредната година може да очекуваме воз до Белград, а и до Солун.

– Во моментов се врши ремонт на дел од пругата во Србија и можно е да заврши напролет. Кога ќе заврши ремонтот, според сегашните најави од Белград, се очекува да има воз од Белград до Скопје, а се очекува Србите да бидат заинтересирани тој да сообраќа и до Солун, па така и ние можеме да очекуваме воз до Солун – вели Марков.

 До Будимпешта преку српската брза пруга

 

Годинава Србија објави дека доби 600 милиони евра неповратни средства за изградба на брза пруга од Белград до Ниш. Деновиве, пак, стигна и веста дека српската железница најавува брзи возови и на делницата од Ниш до границата со Македонија и дека проектот чини 182 милиони евра. Но, што после македонската граница? Ќе останеме ли слепо црево во регионот?

Марков вели дека возот ќе стигне до Скопје, затоа што проектот што го тера Србија според нивниот тендер е брза пруга до Скопје. Тој очекува дека брзо ќе се одвиваат работите за таа пруга, но за наше поврзување со Грција, со исто таква пруга, пресудни се парите, а станува збор за огромна инвестиција што ние не можеме да ја понесеме.

– За пругата од Скопје до Гевгелија имаме две варијанти. Едната е сосема нова траса, според директивата на ЕУ, а другата е реконструкција на пругата. За да биде пругата по ЕУ-стандарди, на станица мора да има еден колосек во должина од 740 метри. Ние немаме ниту една таква станица. За возови што би возеле со брзина од 160 километри на час, треба поинакви кривини. Значи, во тој случај ни треба сосема нова траса, а тоа чини околу 4 милијарди евра. Ако се влезе во ЕУ, тогаш 80 отсто од изградбата на новата траса би се финансирало од европските фондови. Се прави план и за реконструкција на пругата, прво на делот Скопје – Велес, но и по реконструираната пруга може да се вози до 100 километри на час – вели Марков.

Тој вели дека македонската страна изразила подготвеност за регионалниот проект за железничко поврзување, а Министерството за транспорт го ставило потписот како дел од брзата пруга, но дека „клучот е во финансиите“.

Од Железничката инфраструктура на Србија соопштија дека раководството од Србија ги информирало гостите од Македонија за искуствата поврзани со изградбата на брзата пруга Белград-Нови Сад, со брзина од 200 километри на час, како и за резултатите и ефектите постигнати со спроведувањето на овој проект. Оттаму додаваат дека се зборувало и за продолжување на изградбата на брзата пруга од Нови Сад до Суботица и понатаму до Будимпешта.

Многу планови и децениски желби

Во периодот 2023-2025 година се планирани инвестиции во железничка инфраструктура во вкупен износ од 196 милиони евра. Инвестиционите активности главно ќе бидат наменети за реконструкција и изградба на Коридор 8 (источен дел). Другите инвестиции вклучуваат модернизација на ЕТ-постројки на Коридор 10 и Коридор 8, изработка и ревизија на техничка документација и набавка на опрема, пишува во Бизнис планот за 2023 година на МЖ-Инфраструктура.

Остануваат да се доработуваат и големите инфраструктурни проекти, како што е „вечната“ пруга кон Бугарија. За проектот има обезбедено грант од 60,7 милиони евра од ИПА, од Инвестициската банка со Западен Балкан договорени се повеќе од 149 милиони евра, а вкупната вредност на проектот е речиси 489 милиони евра.

Реконструкцијата на пругата Куманово-Бељаковце, која почна од 2014 година, се најде и во Бизнис планот за оваа година и се обезбедени 23 милиони евра од ЕБОР.
Точно пред 3 години се најави и пруга кон Албанија. Станува збор за делница од 63 километри од Кичево до албански Лин. За целиот проект државата најави дека ќе бара околу 500 милиони евра од меѓународни финансиски институции и кредитори. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека проектната документација е готова, но изградбата ќе почне кога ќе се обезбедат парите.

Железничкото поврзување со Албанија е особено важно за стопанството, кое со години алармира дека е неопходно подобро поврзување со пристаништето во Драч. Ова особено станува актуелно во време на разни протести, било да е на границата на Грција, или од страна на самото Солунско пристаниште, кога сме сведоци на колони заглавени камиони што превезуваат разни производи, или нафтени деривати.

Во 2019 година се објави и дека е готова пругата со која Битола железнички ќе се поврзе со Грција и дека набргу таму ќе помине првиот воз. Последното известување од почетокот на годинава е дека од 1 февруари ќе почне да сообраќа патнички воз на пругата од Битола до Жабени. Од Општина Битола информираа дека пругата нема да се користи за меѓународен сообраќај, туку со возот ќе се транспортираат патници од градот под Пелистер до индустриската зона „Жабени“ во која работи фабриката „Кромберг и Шуберт“ и се произведуваат делови за автомобили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот