
Вучиќ: Американските санкции за НИС ќе ги почувствуваат сите во Србија, ги молиме Русите да размислат
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека примената на американските санкции врз Националната нафтена компанија на Србија (НИС), која започна денеска, ќе влијае на сите граѓани на државата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Санкциите за НИС се очекувани, но многу лоши вести за сите граѓани, иако сите наши складишта со нафта се полни“, рече Вучиќ во вонредно обраќање до јавноста, пренесува Н1
Тој нагласи дека НИС може да работи без снабдување со нафта до 1 ноември.
Според него, санкциите на НИС не се насочени против никого во државниот врв, но дека ќе се почувствуваат во „политичка, економска, социјална и која било друга смисла“. Вучиќ изјави дека утрово разговарал со рускиот амбасадор и дека разговорите со американските претставници ќе продолжат.
Во јануари оваа година, САД воведоа санкции врз НИС, што е во мнозинска сопственост на Русија, но нивната имплементација беше одложена до денеска.
Американските санкции против НИС не се насочени кон српскиот народ, туку нивната намера е да се изврши финансиски притисок врз Русија со цел да се стави крај на војната во Украина, изјави вршителот на должноста амбасадор во американската амбасада во Србија, Александар Титоло.
Во интервју за Блиц, тој рече дека Белград треба да преземе чекори за отстранување на руската сопственост врз компанијата НИС и да ја преземе контролата врз клучните енергетски ресурси и да постигне поголема енергетска независност.

САД, додаде тој, се подготвени да соработуваат со Белград во диверзификацијата на неговиот енергетски сектор и намалувањето на зависноста од несигурни добавувачи.
Тој изјави дека приходите од НИС ја финансираат воената машинерија на Кремљ и дека Русија би можела да ја реши оваа ситуација „уште утре ако се согласи да го продаде својот удел во компанијата НИС по фер цена“.
„Руската сопственост и контрола врз компанијата НИС е исто така штетна за Србија бидејќи ги стеснува нејзините можности за диверзификација на енергетскиот сектор, постигнување енергетска независност и им дава можност на најефикасните и најнапредните компании да се натпреваруваат, што најмногу ќе го подобри нејзиниот енергетски сектор. Затоа, тоа е пречка за економските можности и економскиот раст“, додаде тој.
Тој одговори негативно дека ќе има шпекулации дека моментот за воведување санкции е намерно избран за дополнително дестабилизирање на веќе нестабилната политичка ситуација во Србија.
„Далеку од тоа. Ние многу го цениме нашето сè посилно и пошироко партнерство со Србија, како и посветеноста на претседателот (на Србија, Александар) Вучиќ, што тој го покажа во овој поглед“, изјави тој и додаде дека партнерството меѓу Србија и САД станува сè посилно.