Вработените во СЈО биле и ХУМАНИ, не го користеле „црниот фонд“ само за себе

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

„Црниот фонд“ во СЈО се трошел и за хуманитарни цели. Од парите на обвинителите и вработените, Специјалното обвинителство давало пари и на семејства со социјален ризик, пари донирале на фамилии кои преку медиумите барале помош, брифираат извори од СЈО за „Слободен печат“.

Вработените во институцијата давале по 1.000 денари, а обвинителите повеќе, по 3.000 денари. Парите не ги чувала поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, туку за тоа бил задолжен еден од вработените, вели нашиот извор. Од свадби до болести, за овие намени ги чувале парите. Купувале и неопходни работи за работењето на СЈО, тонер за принтер, хартија…

Од СЈО не потврдуваат ниту демантираат дека Јанева побарала пари од колективниот фонд за да ја плати одбраната, како што пренесуваат дел од медиумите.

Јавноста е изненадена и од информациите дека Јанева како и другите вработени покрај плата добивале и таен надоместок. Како што објави Код на 105.000 денари месечно Јанева добивала уште толку таен надоместок. Кој колку пари земал покрај платата не се знаело ниту во СЈО. Извори од оваа обвинителство за „Слободен печат“ брифираат дека не се зборело за исплатените надоместоци.

Срамно и незаконски е исплаќањето на надоместоците на специјалните обвинители, смета адвокатката Ружица Николовска. Обвинителите беа ангажирани за да ги скенираат „бомбите“, истражуваат, за на крај да стокмат обвинение. Според Николовска, нема основ за исплата на надоместок на плата за обвинителите, за нешто што на нив тоа им е работа.

– Прва работа, сметам дека е срамно исплаќање на толкави големи надоместоци. Второ, сметам дека не е засновано на законски пропис, самата постапка на исплата на такви трошоци и надоместоци. Конкретно зборувам според она што беше објаевно во емисијата „Код“, таму се зборува за три столба. Едниот си е регуларниот, платата со стаж, кој се определува со коефициент и е неспорен, вториот е додаток за ризик и доверливост и третиот е надомест за тајност за прислушувањето и бомбите. Јас мислам дека ова ниту е законски ниту е правилно од причина што тоа е основната работа на јавните обвинители, па тајноста и доверливоста во работењето се подразбираат, тие се обрзани со закон – изјави Николовска за „Слободен печат“

Во членот 15 од законот за СЈО се предвидени платите и надоместоците за вработените, за трошоци за набавки, за услуги, трошоци за време на постапките, вклучувајќи и средства за советување и мислење од експерти, за надворешни соработници, пари за професионално унапредување на јавните обвинители, како обуки, едукации, тренинзи… Но, не и за исплата на надоместоци. Сепак во законот за СЈО, членот 14 предвидува дека обвинителите „имаат право на додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост“. Николовска вели дека платата и надоместоците се утврдуваат со други законски прописи.

– Додатоци се исплаќаат во случај на дежурства, кога се останува прекувремено, тоа е тој додаток за посебни услови, како што тоа го прават и редовните обвинители. Но, во секој случај не е предвидено додаток каков што слушнавме дека исплаќале, за доверливост што ги слушале „бомбите“. Тоа е  дел од нивната работа, тукму и за таа цел беше формирано СЈО. И затоа имаат основа плата којашто е на ниво на обвинителите на организиран криминал и корупција. Како ќе покрене обвинение ако не ги преслуша бомбите, епа тогаш за што ја даваме платата – прашува адвокатката Николовска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот