
Возачите да внимаваат: Изменет сообраќај на неколку патишта низ државата
Градежни активности се изведуваат на повеќе делници од државната патна мрежа, па сообраќајот се одвива со изменет режим, информираат од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Препорачано
Од 24 септември 2025 година компанијата „Виадук Трејд“ од Гостивар започна со санација на потпорни ѕидови кај потпатник на државниот пат А2, обиколница Скопје, на потегот од км 21+840 до км 21+987. Работите ќе траат околу четири месеци и на тој дел од патот е воведена промена во режимот на движење.
На експресниот пат А2, Крива Паланка – Страцин, во близина на селото Петралица, од км 14+200, сообраќајот е ограничен поради градежни зафати. Во текот на денот од 07:00 до 17:00 часот сообраќајот се регулира рачно со знаменца, а во останатите часови со семафори.
Дополнително, од 3 септември годинава во период од две седмици се изведуваат истражувачки работи на делницата Гостивар – Тетово, на потегот меѓу патарините, поради што и таму сообраќајот се одвива со ограничувања.
На останатите државни патишта сообраќајот се одвива непречено, по влажни коловози и со умерен интензитет. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност за појава на одрони. Како критични делници се наведуваат: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Исто така, од 17 април 2025 година повторно е пуштен за сообраќај патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица, но само за возила до 3,5 тони.