
Вонредна состојба на Крим откако излеаната нафта стаса до Севастопол
На Крим денеска е воведена вонредна состојба поради загадувањето со нафта на плажите кај Севастопол, најголемиот град на полуостровот.
Нафтата се излеа од два танкери погодени од невремето пред речиси три недели во теснецот Керч, на околу 250 километри од Севастопол, кој се наоѓа на југозападниот дел на полуостровот.
Препорачано
-Денес во Севастопол беше прогласена регионална вонредна состојба – напиша на Телеграм регионалниот гувернер Михаил Развозаев.
Тој додаде дека нафтата била пронајдена на четири плажи во регионот и дека локалните власти и волонтерите „веднаш ја отстраниле“.
-Да нагласам – нема масовно загадување на брегот во Севастопол – напиша тој.
Теснецот Керчен, кој го дели полуостровот Крим од рускиот регион Краснодар, е важна глобална поморска рута, која минува од Азовското Море до Црното Море.
Тоа беше и клучна точка на конфликт меѓу Русија и Украина, откако Москва го анектираше полуостровот во 2014 година.
Во 2016 година, Украина започна спор против Москва пред Постојаниот арбитражен суд, обвинувајќи ја Русија дека се обидува незаконски да ја преземе контролата врз областа. Во 2021 година, Русија го затвори теснецот неколку месеци.
Советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак го опиша истекувањето на нафтата како „еколошка катастрофа од големи размери“ и повика на дополнителни санкции против руските танкери.