Војната во Украина создава нова генерација руски олигарси

Даноне / Фото EPA-EFE/MAXIM S

Запленувањето имоти на западни компании прерасна во стадиум на општа национализација и приватизација, создавајќи услови за редистрибуција на богатството кон нови лојалисти на Кремљ

Санкциите наметнати од западните земји и меѓународните организации создаваат плодна почва во Русија за нов бран на национализација и приватизација. Во вакви услови пркнува нова генерација олигарси што значително се разликува од оригиналната, на која ѝ беа доверени приватизираните огромни рудници, фабрики, енергетски капацитети и суровини – компании во кои се слеа целата тешка и лесна индустрија на Советскиот Сојуз.

Западните земји воведоа строги санкции за компании и олигарси во Русија за кои има сомневања дека преку приватните компании ги штитат политичките интереси на Кремљ и дека ја крепат војската, а со тоа и воената инвазија врз Украина. Откако првичните санкции не ги ограничија капацитетите на Русија да војува во Украина, во повеќе бранови беа замрзнати, па и одземени имотите и средствата на спорните руски ентитети во странство.

Русија, од друга страна, тивко возврати со запленување на имоти на западни компании. Таквите акции прераснаа во стадиум на општа национализација и приватизација, создавајќи услови за редистрибуција на богатството кон нови лојалисти на Кремљ.

Присвојување акции

Врз основа на декрет од претседателот Владимир Путин, државата целосно ги присвои акциите на руските филијали на меѓународната компанија за млечни производи „Данон“ и на данскиот производител на пиво „Карлсберг“. Акциите привремено му беа доверени на претпријатието за државен имот Росимушчество, кое речиси веднаш ги префрли акциите на луѓе што важат за блиски пријатели на Путин. „Карлсберг“ му е доверен на Таимураз Болоев, поранешен директор на „Балтика“, која работеше за данската пиварница. Весникот „Ведомости“ пишува дека Болоев е близок до олигарсите Јури и Михаил Ковалчук, кои му се лојални на Путин.

Акциите на „Данон“, пак, му се префрлени на Јакуб Закриев, внук на чеченскиот лидер Раман Кадиров, кој наводно бил заинтересиран за француската компанија зошто „бизнисот со храна обезбедува стабилна продажба и висок профит“.

Во април Русија ги присвои финската енергетска компанија „Фортум“ и германската „Унипер“. Национализираните компании му се доверени на Игор Сечин, директорот на државното енергетско претпријатие „Роснефт“.

– Компаниите што не ги задоволуваат руските правила влегуваат во категоријата немирни компании. Со тие компании се збогуваме, а што правиме со нивниот имот, тоа е наша работа – изјави во јуни портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Анонимен руски олигарх, пак, во изјава за „Фајненшл тајмс“ овој процес го опишал како „редистрибуција на богатството“.

Заплеткана бирократија

И „Карлсберг“ и „Данон“ веќе биле во процес на продажба на своите бизниси, но процедурите биле блокирани во регулаторните тела. Шефот на Федералната служба за безбедност Николај Патрушев се смета за главниот фактор што ги минирал продажбите на двете големи компании.

Своите имоти во Русија настојуваат да ги продадат уште 1.585 странски компании што се повлекуваат од рускиот пазар, прифаќајќи ги новите правила – да ѝ префрлат на државата повеќе од половината од парите од трансакцијата. Тие не се заштитени од поништување на купопродажните договори и национализација.

– Властите им наметнаа невозможни услови на западните компании и тие не можат да заминат – изјавил за „Фајненшл тајмс“ извор запознаен со случајот на „Карлсберг“.
Француската компанија најави дека „ќе ги преземе сите потребни мерки за да ги заштити своите права како главен акционер“, тврдејќи дека веќе договорила продажба, а со национализацијата ѝ е направена штета од 1 милијарда евра. Жалба најави и „Карлсберг“, кој планирал да ја продаде својата руска филијала на „Арнест“, компанија за метални канистри и лименки.

Во октомври по 21 отсто од акциите на „Старс кофи“, рускиот бренд на „Старбакс“, завршија кај чеченскиот бизнисмен Валид Корчагин, близок до Адам Делимханов, вториот најмоќен човек во Грозни, и кај раперот Тимати, личен пријател на Кадиров.

Компензации за државата

Менгемето почна да се стега од август 2022 година, кога претседателот Путин објави декрет со кој на инвеститори од „непријателски земји“ им беше забрането да продаваат или да подаруваат акции од стратегиски компании што оперираат во финансискиот и во енергетскиот систем на Русија, задржувајќи го правото претседателот лично да одобрува отстапки. Во декември владата донесе мерка со која ги принуди странските компании што го напуштаат рускиот пазар да ја спуштат цената на половина од пазарната проценка, како и да доплатат уште 10 отсто од вредноста на трансакцијата.

Во март годинава од компаниите што се повлекуваат беше побарано да ѝ исплатат ѝ компензација на државата, а во април Путин одобри експропријација на странски инвестиции, како реципрочен одговор на замрзнување и запленување руски средства во западните земји.

Паралелно се спроведува и приватизација. Поранешниот шеф на Комората на сметководители Алексеј Кудрин се обиде да го минимизира бранот на приватизација, тврдејќи дека државниот сектор во 2019 година генерирал повеќе од една половина од рускиот бруто-национален производ, како и 75 отсто од приходот во секторот на нафта и гас.

Со приватизацијата не се опфатени само странските субјекти. Се редистрибуира богатството од претприемачите што ги ликвидираат своите средства. Присилно или не, во странство се префрлија дел од гигантот за интернет-услуги „Јандекс“, телекомот „Вимпелком“ и онлајн банката „Тинкоф“. Во Русија масовно се тргува со средства чија вредност е вештачки спуштена – и од државни претпријатија и од протерани странски инвеститори и од руски бизниси.

Моќниот Костин

Еден од најголемите купувачи е Андреј Костин, директор на државната банка „ВТБ“, која во декември без наддавање ја презеде ривалската групација „Откритие“ во една од најголемите трансакции во банкарската историја на Русија. Костин настојува да приватизира сѐ, од Руските железници, преку нафтената компанија Транснефт и одбранбениот конгломерат Ростек, па сѐ до ситни производители на коњак. Наспроти рекордните загуби во 2022 година, „ВТБ“ масовно купува акции и компании. За приватизацијата, но со ограничен карактер, а не масовна, се залагаат и гувернерката на Централната банка Елвира Набиулина, министерот за финансии Антон Силуанов и министерот за економски развој Максим Решетников.

Костин тврди дека мора да се спроведе приватизација за да се создаде интерес меѓу инвеститорите и да се поддржи протокот на капитал. Според Централната банка сумата на трансфери до странски банки во 2022 година тројно се зголемил, а во исто време 30 отсто од вкупните депозити во руските банки биле од само близу 20.000 лица со заштеди повисоки од 10 милиони рубли. Другите 99,9 отсто од штедачите придонесле со 70 отсто од депозитите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот