Војна во Украина: Руската економија подобра од прогнозите

Владимир Путин/ Фото: EPA-EFE/RAMIL SITDIKOV/SPUTNIK/KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Пред две години Русија беше погодена од острите санкции на Западот по нападот врз Украина. Сепак предвидувањата за економска пропаст на земјата не се остварија.

Минаа две година од почетокот на руската инвазија врз Украина и постои едно нешто за кое економистите се согласуваат – дека руската економија не пропадна. А, токму таков исход многумина предвидуваа кога ЕУ, САД и другите воведоа санкции без преседан по инвазијата врз Украина во февруари 2022 година. Сега дебатата за руската економија во западните престолнини се води со малку потрезвен тон. Малку кој ја доведува во прашање нејзината отпорност. Несогласување постои околу тоа колку се цврсти темелите за актуелните економски показатели во земјата. Меѓународниот монетарен фонд неодамна прогнозираше дека БДП во Русија годинава ќе порасне за 2,6 проценти, што е голем раст во однос на октомвриската процена. Во 2023 година растот изнесуваше повеќе од 3 проценти, а во меѓувреме приходите од нафта повторно растат, а невработеноста е на историско ниско ниво.

Сепак и натаму постојат сомнежи. Кремљ ги зголеми издатоците за одбрана до таа мера што годинава за таа цел ќе бидат потрошени 40 проценти од сите буџетски расходи. Тоа е воена економија, и тоа опасно прегреана, како што оценуваат експерти.

Постои сè поголем недостиг на работна сила, а високата инфлација се задржа. Санкциите исто така продолжуваат да нанесуваат штета, посебно затоа што западните лидери бараат и нови начини да нанесат удар на потрошувачката моќ на Москва.

Како Русија преживеа и напредуваше

Елина Рибакова, економист на Петерсоновиот институт за меѓународна економија за ДВ вели дека постојат три главни причини зошто руската економија толку добро се одржа. Првата е дека рускиот финансиски систем бил доволно подготвен за првиот бран на банкарски и финансиски санкции кои го погодија во првите неколку недели, со оглед на тоа дека беше во режим на реагирање на криза уште од 2014 година по случувањата на Крим. Втората причина е што Русија забележа огромна заработка од продажбата на нафта и гас во 2022 година затоа што западните сили премногу бавно реагираа за спречување на извозот, дури и откако цените по инвазијата скокнаа.

Третата е што контролата на извозот не функционираа во доволна мера за да ја спречат Русија да користи трети земји за набавка на стоката која и е потребна за нејзиниот воено-индустриски комплекс. Но, Бенјамин Хилгеншток од Киевската школа за економија вели дека санкциите и натаму имале големо влијание, иако руската економија напредуваше подобро од очекуваното.

„И натаму стои заклучокот дека макроекономското опкружување за Русија значително се влоши и дека многу од тоа е последица на санкциите од западот“, рече тој за ДВ.

Хилгеншток истакнува дека приходите од рускиот извоз на нафта и гас се намалени во 2023 година во споредба со 2022, како и фактот дека Руската централна банка мораше да ја зголеми каматната стапка на 16 проценти заради инфлацијата.

Заобиколување на санкциите

Сепак, учинокот на Русија во голема мера се должи и на тоа како Москва ги заобиколи санкциите. Најмногу впечаток остава како ја заобиколи контролата на извозот за да продолжи да набавува западна стока и да продава нафта ширум светот, и покрај тоа што западната алијанса воведе горна граница на цената на нафтата во декември 2022 година. Целта беше западните услуги за транспортот на нафтата да се ограничат ако нафтата не се продаде под 60 долари за барел. Меѓутоа, речиси една година Русија нафтата ја продава по цени блиски до пазарните.

Тоа е пред сè последица на флотата на т.н. бродови во сенка, кои и помогнаа на руската нафта да стаса до пазарите во Кина, Индија и Пакистан, а да не подлежат на ограничувањата.

САД сè повеќе санкционираат поединечни бродови и фирми кои за кои веруваат дека ја прекршуваат горната граница, а Хилгеншток вели дека тоа е клучно за ограничување на приходите од рускиот нафтен извоз.

„Таквите мерки ефикасно може да ги извлечат бродовите во сенка од флотите за значителен временски период“, вели тој.

Во смисла на ограничувањата на начините на кои Русија има пристап до западни компоненти со увоз преку трети земји, банките имаат според Хилденшток клучна улога. Тој ја потенцира извршната наредба од Бајден издадена во декември минатата година и со која се одобруваат можни санкции за странски банки ако дозволуваат трансакции кои помагаат во финансирањето на руската воено-индустриска основа. „Финансиските институции имаат голема улога кога е во прашање спроведувањето на контролата затоа што можат да видат некои од финансиските трансакции на кои можеби е многу тешко физички да им се влезе во трагата“, вели тој.

Ризиците на воената економија

Уште еден клучен двигател на рускиот економски успех се издатоците за одбраната, кои се тројно поголеми од 2021 година до денес. „Сега главно имате воена економија“, вели Елина Рибакова. Таа верува дека тоа го зголемува БДП, покрај големите јавни издатоци кои поттикнуваат производство на големи количини проектили, артилерија и дронови.

„Се бележат многу активности, но среднорочно тоа не е продуктивна активност. Тоа не е добро за економијата. Во суштина, тоа е расипништво“, заклучува таа.

Крис Вифер, советник за инвестиции кој работел во радио во Русија повеќе од 25 години, вели дека ќе има негативни долгорочни последици ако дополнителната потрошувачка главно е за „потрошна“ стока, а не подлабоки вложувања во индустриската основа на земјата.

„Ќе ги потрошите резервите, а кога судирот ќе се оконча, ќе завршите со многу оштетена економија, со многу недоумици за тоа што да правите“, вели Вифер за ДВ и додава дека уште еден клучен елемент за воената економија е начинот на кој се менува пазарот на трудот.

Регрутацијата и фактот дека околу еден милион висококвалификувани работници ја напуштиле Русија од 2022 година значи дека сега постои недостиг на работна сила во повеќе области. Невработеност речиси и да нема, но платите значително пораснаа во текот на 2023 година.

„Тој пораст на приходите навистина беше голем двигател на растот на инфлацијата“, вели тој за ДВ. „Колку подолго не се во состојба за да се изборат со тоа, толку поголем предизвик ќе биде, поскапо и поштетно за економијата“, заклучува Вифер.

Дали е тоа одржливо

Сепак руската економија и порано им пркосеше на предвидувањата за колапс. Вифер вели дека огромната база на ресурси во земјата константно се потценува кога се воведуваат санкции, укажувајќи на континуираната важност на руските нафта и гас на глобалните пазари, како и стоката од типот на ураниум, кого САД и натаму го набавуваат во огромни количини. Тој вели дека посебно ЕУ премногу се занимавала со она што тој го нарекува „политичка економија“.

„Тие ќе кажат како ’економијата не пропаднала во 2022 или 2023 година, ама ќе се урне сега заради воената индустриска потрошувачка и тоа ќе ја уништи економијата‘. Тоа е само политичка економија, тоа е само желба“, вели тој.

За Рибакова, судбината на Украина останува тесно врзана со економските перформанси на Русија. Таа вели дека е од витално значење западната алијанса да направи повеќе за да се ограничат дополнително капацитетите на Кремљ да води војна, иако санкциите никогаш нема да бидат доволни за да се стопира руската агресија.

„Со едната рака пружаме финансиска поддршка на Украина, а со другата на Русија. Уште ја купуваме нивната енергија, не се придржуваме во потполност на горните граници на цената на нафтата и на ембаргото, не се спроведуваат во потполност ни контролите на извозот“, вели таа и додава дека „тоа е огромен проблем.“

Извор: Дојче Веле/ Автор: Артур Саливан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот