Во ЗОО ќе се гради зимско живеалиште за лавови и платформа за хранење жирафи

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Годинава повторно се планира да се стават во функција едукативните центри, кои во претходниот период заради короната или поради други причини не беа во функција, а ќе се изведуваат и нови модерни детски игралишта.

Во Зоолошката градина годинава ќе се реновираат и ќе се стават во функција постојните живеалишта за животни што биле запуштени и запоставени во изминатиот период, но ќе се гради и зимско живеалиште за лавовите, кое како што се најавува, ќе биде изведено по стандарди на Европската асоцијација за зоолошки градини.

Директорот на скопската Зоолошка градина Кристијан Стаменов зборуваше на последната седница на Советот на Град Скопје, за тоа што сѐ се планира годинава во една од најпосетените институции во градов. Тој најави многу проекти, модернизација на градината и нови животни.

– Започнавме со изведба на мини савана, со ревитализирање на ботаничката градина што во изминатиот период беше тотално запоставена, девастирана и е надвор од употреба и посетителите не можат да ја користат – рече Стаменов.

Годинава, според него, во Зоолошката градина ќе се изврши замена на подлогата на сите надворешни живеалишта, се планира да се заменуваат и покривите на некои од домовите на животните. Со помош на донатори ќе се прави платформа за хранење жирафи. Ќе се овозможуваат и подобри услови за посетителите на градината преку зима.

– Имаме ситуации каде што во зимскиот период посетителите не можат да пристапат до зимските живеалишта на некои од животните, па планираме да обезбедиме пристап до зимските живеалишта на шимпанзото и на слоновите – објасни директорот на ЗОО.

Зоолошката градина и за време на пандемијата редовно ја посетуваа децата и возрасните, но некои од содржините што се организираа во неа замреа поради коронавирусот. Годинава повторно се планира да се стават во функција едукативните центри, кои во претходниот период заради короната или поради други причини не беа во функција, а ќе се изведуваат и нови модерни детски игралишта. Како што рече Стаменов, дошол ред и за бојадисување на сите метални и дрвени огради.

Во однос на збогатувањето на градината со нови животни, директорот вели дека се планира да се формираат парови и соодветни групи, односно да се донесат парови на зебри, едногрба камила, повеќе видови птици, ноеви, нови видови мајмуни.

Стаменов објасни дека годинава ќе се уредува влезот во градината, а ќе се интервенира и во летниковците.

– Планираме имплементирање систем за влез во Зоолошката градина, со поставување триподи, за да се намалат редовите за влез, плаќање преку апликација и ставање ред на влезот во градината. Сите летниковци планираме да ги направиме смарт-летниковци, каде што ќе обезбедиме полначи за електронски уреди и  интернет-покривање на целата ЗОО – рече Стаменов.

Тој додаде и дека раководството се труди да ги намали високите сметки за струја, па едно од решенијата што планираат да го спроведат е да се постават фотоволтаични панели во Зоолошката градина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот