Собраниска седница за уставните измени / Фото: Драган Митрески

Во Собранието почна процесот за уставните измени, не се знае како ќе заврши

Со 70 гласови „за“, 47 против и ниту еден воздржан на собраниската седница за уставните измени усвоен е предлогот на дневниот ред, односно точката за пристапување кон уставните измени. Во собраниската сала биле присутни 119 пратеници, но двајца воопшто не гласале, еден од владејачката коалиција и еден од Беса, а во салата не е присутен и еден пратеник од СДСМ.

По усвојувањето на дневниот ред пред пратениците прв се обраќа премиерот Димитар Ковачевски, по што следува претрес. Како што информираше претседателот на Собранието, Талат Џафери, повикувајќи се на собранискиот Деловник, по отворањето на претресот пратениците се јавуваат за збор во рок од една минута, а листата на говорници не се менува дополнително во текот на претресот.

Седницата започна со задоцнување од повеќе од еден час, а пред почетокот имало координација на партиите при што било договорено на седницата да се обраќа по ецден, а другите пратеници да не се јавуваат за збор.

Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени детално ќе го образложи пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, професорка на Правниот факултет во Скопје.

Повеќе од извесно е дека денеска нема да има гласање бидејќи власта нема мнозинство од 80 пратеници.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски, денеска го повтори ставот на партијата дека нема да ги поддржи уставните измени.

„Ден за историја! ‘Не’ за уставни измени! Македонскиот народ има своја засебна историја, култура и свој македонски јазик, а Македонија јасен државно-политички континуитет“, напиша Мицевски на социјалните мрежи.

И пратеничката на ДУИ, Арта Биљали-Зендели, пред почетокот на собраниската седница рече дека денеска нема да се гласа за уставните измени во Парламентот, туку дека ќе започне процесот и најави борба до последен момнент бидејќи уставните измени се важни за граѓаните.

– Мислам дека битката ќе продолжи сѐ додека не се обезбедат 80 пратеници бидејќи е многу важен момент, процес за кој тежнееме уште од пред 30 години. Затоа не треба и не можеме да го изгубиме овој момент – изјави Биљали-Зендели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот