
Во Смилево ќе се одржи културната манифестација „Смилевски конгрес 2025“
Манифестацијата „Смилевски конгрес 2025“ ќе се одржи од 1-ви до 3-ти мај во демирхисарското село Смилево и ќе биде отворена на 1 мај, во 18 часот, со положување венец на гробот на Даме Груев.
Препорачано
На 1 мај, во 19 часот, во „Кооперација“ на сретсело ќе се одржи трибина со наслов „Значењето на Даме Груев и Смилевскиот конгрес за идентитетот на македонскиот народ во еден современ плуриперспективен и метакултурен контекст“. Учесници на трибината Ристо Грујовски, претседател на Здружение на граѓани „Дамјан Груев“ – Битола, д-р Роберто Трајковски доктор по историски науки, и Васко Гичевски, дипломиран историчар.
Главната програма на манифестацијата ќе се одржи на 2 и 3 мај. Програмата ќе почне на 2 мај, во 19 часот со Поворката на Мајовци со наслов „Напред во минатото“, а отворањето на фестивалот ќе биде со дефиле од мостот на влезот на с. Смилево до куќата на Даме Груев, на чело со зурлите и тапаните на Мајовци, заедно со публиката.
Потоа ќе следува акустичен концерт на „Хот џез оркестар“ во Куќа на Даме Груев со традиционална џез-музика од почетокот на 20тиот век, која се карактеризира со брзо темпо и емотивни импровизации на кларинет и гитара.
На истата локација, во 20 часот, ќе биде отворена мултимедијалната инсталација „Отсуство на присуство“ на уметничката трупа „Трета сликарска лабораторија“ на катедрата по применета и ликовна уметност при универзитетот на Западна Македонија, Лерин, Грција, и колективот за визуелни уметности „Buff“, заедно со нашиот познат фотограф Сашо Алушевски.
Поворката на Мајовци во 21:30 часот ќе се придвижи од куќата на Даме Груев до главна бина на сретсело во Смилево, каде концерт на традиционална музика во современи аранжмани ќе одржи Зарина Првасевда, а потоа ќе следува настап на диџеј Сокин, перформер и диџеј од Лерин, Грција, кој се фокусира на создавање уникатни сонични искуства, оформувајќи специфична звучна слика на секој перформанс.
Програмата на 3 мај ќе почне во 19 часот со концерт на „Дејание“. Дејан Марковски е битолчанец, патувач и уличен изведувач низ земјите во Европа, кој моментално работи и на свој проект „Дејание“, авторски материјал кој ги избегнува можните авторски жанрови.
На главната бина сретсело ќе следуваат настапи на „Битвокс“, хор од Битола, составен од 25-мина ентузијасти под диригентство на Марина Коруновска, кои изведуваат светски познати поп/рок хитови во нивни автентични аранжмани, концерт на најпознатата битолска група „Фолтин“, а вечерта ќе заврши со настап на диџеј Константин, мултимедијален артист од островот Парос во Грција, кој работи на аудиовизуелни проекти, изведувачки уметности и инсталации, комбинирајќи аналогни и дигитални медиуми.