Во „Сити мол“ не знаеле дека се забранети и гудачки оркестри

Од Државниот пазарен инспекторат на директорката на „Сити мол“ ѝ објасниле дека секаков вид јавни настапи на уметници се забранети и ѝ укажале дека доколку се повтори јавен настап, ќе биде затворен објектот.

Ќе го затвориме целиот трговски центар доколку им се повтори да настапува бенд во живо. Инспекторите веднаш по дојавата отидоа на лице место, но забавата со бендот била завршена, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Стојко Пауновски за порталот „А1он“, откако инспекторите биле известени за настап на гудачки оркестар, иако забраната за јавни настапи на уметниците, на отворен или затворен простор, е на сила од 21 октомври.

– Разговарано е со директорката која објаснувала дека уметниците седеле и дека имало контрабас, а не знаеле дека и такви настапи се забранети. Бидејќи не затекнале прекршување, инспекторите на директорката ѝ објасниле дека секаков вид јавни настапи на уметници се забранети и укажале дека доколку им се повтори јавен настап, ќе го затвориме трговскиот- изјави Пауновски.

Контролите се засилени откако од петокот стапија на сила новите рестриктивни мерки, кои значат кафеански фајронт во 18 часот. Локалите се празнат и пред одредениот термин, но може да се забележи дека е тренд „дневната шема“. Веќе неколку дена и во спортските обложувалници по 18 часот не работат шанковите и не се послужуваат пијалоци. Инспекторите, во придружба на полицијата, постојано се на терен и ги контролираат најфрекфентните места. Во последните два месеца, кога локалите работеа до 21 часот, ДПИ затворил 23 објекти, од кои неколку угостители го повториле прекршокот. Казните се драстични – до десетици илјади евра и пломба на локалот до еден месец. Со најновите мерки и во хотелските ресторани се ограничува работното време до 21 часот, а се ограничи и работното време во кафетериите, баровите и шанковите во угостителските сместувачки објекти до 18 часот.

Угостителите велат дека со новите рестрикции нема да издржат до пролет. Тие тврдат дека, за разлика од лани, овој декември прометот им е само 10 отсто од вообичаениот за декември. Дел од нив, навестија дека ќе има отпуштање на вработените, бидејќи се работи само една смена. Според нив, 34 дена се долг временски период за да се работи со толку скратено време.

Угостителството е еден од најпогодените сектори, бидејќи работат по рестриктивни мерки уште од средината на март, се согласува и министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој вели дека најголемата поддршка на Министерството за економија во првите 100 дена од новиот мандат била фокусирана токму кон туристичките работници и угостителите. Реализирани се пет мерки за поддршка на овој сектор, за што се исплатени 212 милиони денари.

Откако не добија термин за средба со премиерот, Независната угостителска комора, поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на законитоста на одлуката за повторно кратење на работното време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот