МНТ од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка / Фотографија: Емил Петро

Во Македонскиот народен театар почнаа пробите за копродукциската претстава „Лов на дива свиња“

НУ Македонски народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.

Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.

Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.

Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.

– Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој со постојано вмрежување остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и во регионот – изјавува директорот Никола Кимовски.

Читачка проба за претставата „Лов на дива свиња“ / Фотографија: Емил Петро

Првата меѓународна соработка почнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.

Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.

Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.

Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.

Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот