Во Македонија најрано се оди во пензија

Пензионери / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Во регионот постепено се изедначува работниот век на жените и на мажите и најчесто во пензија мажите одат на 65 години. Засега, кај нас рабптниците не треба да стравуваат од продолжување на периодот до пензионирање

Засега македонските граѓани може да здивнат, нема најави за зголемување на старосната граница за пензионирање. Според нашето законодавство, и мажите и жените, доколку имаат најмалку стаж од 15 години, одат во пензија на 64 години, со тоа што жените може да изберат да одат и порано, на 62 години. Според сознанијата, во државните институции жените настојуваат да седат до 64 години, а во приватниот сектор, дури и да сакаат им се прави притисок да заминат во пензија, но на многумина им се нуди да остнат хонорарно.

Во регионот пак, постојано има зголемување на работниот век и според податоците, кај нас, најрано се оди во пензија.

Претседателот на Партијата на пензионери Илија Николовски вели дека засега не се размислува за промена на нашата регулатива.

– Засега регулативата останува таква каква што е. За одредени занимања, како што се универзитетски професори и здравствени работници, може да се оди и подоцна во пензија, но во тој случај надлежната институција треба да прати барање до надлежниот министер. Според мене тоа не е добро решение, затоа што се соочивме со тоа министер за здравство да не потпише продожување на работен век за неколку еминентни професори – вели Николовски.

Тој вели дека негов личен став е дека регулативата треба да се прилагоди, така што ќе овозможи и подолго време да се работи, место да има строго ограничување на 64 години.

– Демографските трендови се такви што и за пензискиот систем, а и за обезедување на некои неопходни квалификувани кадри е подобро да се обезбеди можност тие подоцна да одат во пензија. Јас знам дека продолжување на работен век предизвикува голем револт кај работниците, затоа велам да се создаде законска можност – кој може и кој сака да работи подолго, тоа да го направи. Ние немаме механичари, електричари, недостига кадар во многу занимања. Ако некој се чувствува способен, убаво е да остане и понатаму на работа. Дури во многу европски земји се овозможува тој да зема со одредени години пензија, а да му се дозволи да работи и понатаму со платени придонеси, па така во иднина ќе си оствари поголема пензија. Пензијата е економска категорија и со одредена возраст треба да почне да се прима – објаснува Николовски.

На крајот од годинава, од регионот постојано стигнуваат новини околу пензуионирањето. Хрватска обајви дека се продолжува работниот век на жените, а во 2030 година и мажите и жените ќе одат во пензија на иста возраст – 65 години. Правото на старосната пензија, таму мажите ја стекнуваат со навршени 65 години и најмалку 15 години стаж. За жените има преоден период на зголемување на годините за пензионирање. Од 1 јануари 2024 година старосната граница за жени ќе се зголеми на 63 години и 6 месеци во пензија. Од 1 јануари 2025 година жените во пензија ќе заминуваат со 63 години и 9 месеци…

Во Србија од следната година ќе важат нови услови за пензионирање, соопшти Државниот фонд за пензиско и инвалидско осигурување. За жените, старосната граница за пензионирање е поместена за два месеци и тие од јануари ќе се пензионираат на возраст од 63 години и осум месеци и најмалку 15 години стаж на осигурување. За мажите ќе продолжат да важат истите услови – 65 години и најмалку 15 години стаж на осигурување.

Во Црна Гора услови за стекнување право на старосна пензија за мажи се наполнети 66 години, а за жена 64 години и да имаат најмалку 15 години стаж на осигурување. Исто така, може да се оди во пензија и со 61 година, но со стаж од 40 години, како и со 30 години стаж на осигурување, од кои најмалку 20 години ефективно поминати на работни места во секторите металопреработувачка и рударска индустрија каде осигурувањто се пресметува со зголемено времетраење. Со 20 години стаж на осигурување, во пензија може да отиде еден родител, или стартел кој се грижи за дете со тешки пречки во развојот, без разлика на возраста на детето.

Во БиХ, во пензија се оди на 65 години возраст со најмалку 15 години стаж, или со 40 години стаж, независно од возраста, но има исклучоци кога се оди во пензија и со стаж од 20 години.

Законската регулатива во Албанија предвидува право на полна старосна пензија на возраст од 65 години за мажи и 60 години и четири месеци за жени со најмалку 35 години и осум месеци придонеси. Возраста за пензионирање се намалува на 55 години кога се плаќаат придонеси за најмалку 30 години на мајки со шест или повеќе деца на возраст под осум години. Делумана пензија се остварува со возраст од 65 години за мажи и 60 години и четири месеци за жени со најмалку 15 години стаж. Предвремените пензии се намалени пензии, кои се плаќаат до три години пред нормалната возраст за пензионирање со најмалку 35 години и осум месеци придонеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот