Во Елбасан судир меѓу приврзаниците на Рама и Баша

Лулзим Баша, Еди Рама / Фото: Колаж

Во албанскиот град Елбасан, кој е синоним во одбележувањето на 14 март – Летник, дошло до судир меѓу приврзаниците на владејачката Социјалистичка и опозициската Демократска партија.

Приврзаниците на двете партии се судрија во моментот кога во градот пристигнаа нивните партиски лидери Еди Рама и Љуљзим Баша. Полицијата мораше да интервенира по што состојбата се смири, пренесуваат албанските медиуми.

По инцидентот, на Твитер реагираше социјалистичкиот лидер и актуелен премиер Рама, нарекувајќи го „вулгарен и срамен пример за деградација на застарена (демоде) опозиција”.

– Ова вулгарно шоу е уште еден пример за деградација на застарена опозиција, која е предводена од кукла во рацете на Сали и Илир, кои сакаат проблеми и раздор, за да ги земат Албанија и правдата како заложници. Големо зло за ПД која се претвори во нивна алатка, напиша меѓу другото Рама.

Партијата и Баша ги советува да се разделат од Мета и од Бериша и да го „искинат синџирот со Круемади” а на Баша откако наведува дека се уште не станал лидер на партијата му порача „барем да стане маж”.

Демократскиот лидер Баша се дистанцираше од актите на насилство во Елбасан и го обвини премиерот Рама дека го поттикнал и предизвикал ова насилство, според него „беше придружено со разбојници со пиштоли на ремените”.

– Одлучно и јасно му велам на премиерот: Не се осмелувајте да им се заканувате на граѓаните на Елбасан со разбојниците што ве опкружуваат, со нелегално оружје на ремените. Бегај од патот на насилството, ништо не може да ја запре промената. Нема шанси Еди Рама и неговите банди да го држат во заложништво Елбасан, порача Баша.

И покрај апелите на надлежните да се избегнуваат собири поради пандемијата на Ковид-19, во Елбасан денеска имаше голем број граѓани и од други делови на земјата, но воопшто не се почитувале мерките за заштита.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот