
Во Драмски театар почнаа пробите за претставата „Ифигенија за ништо“ во режија на Филип Петковски
Првата претстава што ансамблот на НУ Драмски театар Скопје почна да ја подготвува во 2025 година е со наслов „Ифигенија за ништо“. Претставата се поставува по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид, а со адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски.
Препорачано
Сценографијата за претставата ја подготвува Мартин Манев, костимограф е Антонија Гугинска Јорданоска. Музиката во претставата е на композиторот Борис Харфман од Хрватска. Фотографијата е на Марко Марјановиќ. Инспициент на претставата е Жарко Намичев и суфлер е Милка Анчевска.
Во драматуршката белешка режисерот Филип Петковски наведува: „Претставата дава современ и постдрамски пресврт на приказната на Еврипид. Со поставување на наративот во современото општество во кое живееме се прави паралела помеѓу антиката и современото доба. Оваа адаптација се обидува да ја истакне безвременската природа на овие теми и нивната важност во денешниот свет“.
Ликовите во претставата „Ифигенија за ништо“ ги играат актери и актерки на Драмски театар, меѓу кои Димитрија Доксевски како Агамемнон, Филип Трајковиќ (Менелај), Јелена Жугиќ (Клитемнестра), Нина Елзесер (Ифигенија), Стефан Вујисиќ (Ахил), Сара Климоска (Артемида), Марјан Наумов (Орест) и Томислав Давидовски (Дечкото / Светиот елен).
Хорот го сочинуваат актерките Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и како гостин, Јована Миладинова. „Ифигенија за ништо“ е првата претстава што почнува со процесот на работа по објавувањето на Годишната програма за 2025 година. Премиерата е планирана за почетокот на април.
Од Драмски театар потсетуваат дека до 20 февруари е во тек конкурсот за доделување на награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор. Пријавувањето и условите на Конкурсот се објавени на веб-страницата на театарот. Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо.