Во Берово преименувани четири улици по загинатите бранители од конфликтот во 2001 година

Во Берово преименувани четири улици кои во иднина ќе ги носат имињата на загинатите бранители во конфликтот 2001 година. Одлуката едногласно ја донесе Советот на Општина Берово на денешната 31 седница.

-Советот денеска донесе одлука улицата „Моша Пијаде“ да се преименува во улица „Зоран Бубевски”, улицата „Борис Кидрич” отсега ќе го носи името „Димитар Двојаковски”, улицата „Неретва” се преименува во улица „Никола Пехчевски” и новото име на улицата „Димитар Влахов” во село Русиново, е улица „Љупчо Мирчовски”, информираат од Општина Берово.

Од општинската прес-служба посочуваат дека улиците на иницијатива на градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски се преименувани, по претходно спроведена постапка, согласно Закон за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, со добиена Согласност од Владата на Република Северна Македонија, по претходно доставена иницијатива од Министерство за одбрана, Генералштаб на Армијата, Команда за операции, Батаљон за врски Скопје, единицата која го чествува споменот на Зоран Бубевски.

-Во рамки на истата иницијатва, во 2021 година, Општина Берово подигна спомен обележје кое го краси паркот кај Основниот суд во Берово и ги чува од заборав, ликовите на загинатите бранители. Со преименувањето на улиците, уште еднаш, им се поклонуваме и го овековечиме споменот на нашите херои, чии животи се вградени во темелите на нашата земја, која што е создадена и постои благодарение на безрезервната жртва, дадена од многу нејзини херои, патриоти, наши браќа, синови, сопрузи, татковци, другари, додаде Пекевски.

Од Советот потенцираа дека не постои поголема вредност, поголема доблест, од тоа да се стави сопствениот живот на браникот на татковината, акт длабоко вткаен во опстојувањето на една држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот