Власта нема да го мрдне Коцевски од челното место до ноември

Премиерот Христијан Мицкоски продолжи да го критикува републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски кому му беше изгласана недоверба во Собранието со гласови на ВМРО-ДПМНЕ, но вели дека Владата не можела да ја продолжи постапката за негово разрешување поради изборите, па најавува дека од ноември ќе продолжат таму кај што застанале. Ако државниот обвинител даде оставка во изборниот период не ќе може да се избере нов обвинител, туку замениците ќе ја вршат неговата работа сè додека не биде избран нов, толкува Мицкоски.

Тоа значи дека Коцевски се уште ќе го води обвинителството сигурно до ноември и покрај силните најави на власта за негово разрешување.

-Сега, и да сакаме, не можеме да преземеме нешто бидејќи влегуваме во процес на распишани избори. Најверојатно изборите ќе се распишат кон крајот на следната недела. Така што, сите процеси на избор и именувања поради ограничувањата на законот ќе бидат стопирани. Од ноември ќе продолжиме со оној процес, онаму каде што застанавме. Ако се одважи и даде оставка, повторно влегуваме во еден лавиринт во кој не можеме да бидеме поради ограничувањата кои што ги имаме. Ние можеме да избереме, но ќе биде спротивно на закон. Затоа има таму заменици – тие ќе ја заменуваат работата на јавниот обвинител сè додека не биде избран нов. Истото важи и за другите институции, не само за јавниот обвинител – изјави премиерот.

Гласовите што ги даде ВМРО – ДПМНЕ за неговата интерпелација која нема никакви правни последици сега се алиби за власта дека нема никаква спрега меѓу власта и Коцевски, критики кои особено беа насочени кон влијанието на Мицкоски врз водењето на истрагата за Кочани којашто ја координира Коцевски.

– Вие се сеќавате дека од опозицијата мене ме обвинуваа дека сум бил во некаква коалиција со него, дека сум диктирал обвиненија, дека сум опструирал обвинителни процеси итн. Во рамките на неколку минути сето тоа се демантираше, дека е практично конструкција и лага. Видовте кои го поддржаа при гласањето – тоа беше поранешната влада, пратениците од ДУИ, кои што ме обвинуваа дека соработувам со него, при неговите етноцентрични одлуки со фокус на ужасната трагедија во Кочани. Ете, видовте каква е вистината, дека тој практично е сè уште лојален на оние што претходно му дале поддршка, а тоа е коалицијата ДУИ–СДСМ – рече Мицкоски.

Во понеделникот, пратениците во македонското Собрание ја поддржаа интерпелацијата на републичкиот обвинител Коцевски. Интерпелацијата нема правно дејство што значи дека Коцевски останува сам да одлучи дали ќе поднесе оставка или пак Владата ќе биде таа која ќе продолжи со постапката за разрешување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот