Вклучувајте ги апаратите штом ќе ја видите ознаката Т2- значи дека имате евтина струја на броилото

струја струјомер
Струја/ Фото: МИА

Со воведувањето на дневната евтина тарифа, од утре домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. Екипите на ЕВН не може одеднаш да ги заменат сите броила, но до крајот на декември ќе ја имаат 90 отсто од домаќинствата, порача Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

Ако утре на ЛЦД-екранот на броилото ви се појави ознаката Т2 (за ниска тарифа), тоа значи дека вие сте меѓу оние над 170 илјади среќници, кои од 13 до 15 часот добиле евтина струја. „Слободен печат“ од ЕВН Македонија го доби одговорот на најпоставуваното прашање, како граѓаните ќе препознаат дали броилото му е сетирано на новата тарифа. Од 1 декември влезе во сила новиот тарифен систем, а тогаш ќе започне и сетирањето на броилата.

Со воведувањето на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. Македонија беше единствената земја во регионот што имаше евтина дневна струја. Државата првпат ја укина таа тарифа во 2012 година поради трошоците за увоз. Тогаш и сите земји од поранешна Југославија ја укинаа евтината дневна тарифа на струјата, а некои од нив, како Србија и Хрватска, ја укинаа и неделната. Потоа дневната тарифа беше вратена во 2017 година, а се укина на 1 јануари 2022.

– Ознаката Т1 е (за висока тарифа), а Т2 (за ниска тарифа), што значи дека во зависност од периодот на денот, овие соодветни ознаки се појавуваат на екранот и се активни. Имено, корисникот може да препознае дали му е наместат броилото на евтина тарифа од 13 до 15 часот по 1 декември доколку му се појави соодветната ознака за евтина тарифа во наведениот временски период – објаснуваат од ЕВН.

Од Електродистрибуција потсетија дека поседуваат 170.000 броила со далечинска комуникација и 650.000 обични броила што треба да се нагодат на самото место. Броилата ќе се нагодуваат уште во првиот месец (декември), освен недостапните што ќе се сетираат во наредниот период.

– Сите домаќинства кои имаат далечинско отчитување, од денес ќе имаат евтина тарифа, група по група ќе се сетираат мерилата. Не можат екипите на ЕВН одеднаш да заменат уште 400.000 броила, но до крајот на месецот ќе ја имаат 90 отсто – порача Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Како и во претходните случаи, приспособувањето на секое поединечно броило е мануелно, за што е потребен физички контакт со секое од нив од екипите на ЕВН, во времетраење од 45 секунди до една минута во зависност од типот на броило.
По воведувањето на блок-тарифите, броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа.

– РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден – потсети Бислимоски.

Владата ја укина евтината дневна струја пред помалку од една година, кога се зголеми цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Ако останеше евтината тарифа граѓаните ќе требаше да плаќаат поскапа струја за 14,23 отсто. Граѓаните и понатаму ќе користат евтина струја во текот на ноќта, од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден. На почетокот на оваа година ДДВ за електрична енергија се зголеми од 5 на 10 отсто. Во летниот период се врати на редовните 18 отсто.

И догодина РКЕ ќе го има последниот збор за цената на струјата

Цената на електричната енергија од 1 јануари идната година нема да се зголеми и во тарифните блокови, но и во целина. Од 2024 година пресметките за цената на електричната енергија ќе ги прави ЕВН, но последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките, дециден е министерот за економија Крешник Бектеши.

Според него, нејзиниот претседател Марко Бислимоски ќе има право да интервенира во цената, ако се утврди дека пресметките не се правилни. Тој очекува на новиот распишан тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи да се избере конкурент со помала профитна маржа, со што би можела да се намали цената на струјата на регулираниот пазар. Актуелен универзален снабдувач е ЕВН Хоме, а наскоро ќе има нов повик за следните пет години.
Во однос на профитната маржа што во моментот е околу 11 отсто, министерот е убеден дека таа следната година ќе биде пониска. Тој објасни дека најголемо влијание врз цената на струјата има маржата, која ќе ја понуди универзалниот снабдувач.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот