
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Таравари: Не давам оставка поради прозивање од луѓе кои се виновни за пожарот во модуларната болница
Ќе има ли нови вработувања во здравството? Дали ќе се вработуваат доктори или средномедицински кадар? Ќе се намали ли метежот на Клинички центар? Ќе се изградат ли конечно долгонајавуваните катни гаражи? Утрово на оваа тема во емисијата „Слободен печат“ зборуваме со министерот за здравство Арбен Таравари. На прашањето како се доживува себеси – како лекар, министер или политичар – тој вели дека продолжува да работи како лекар секоја среда.
Препорачано
– Прегледувам пациенти во мојата ординација на Клиниката за неврофизиологија, во склоп на Клинички центар. Ја извршувам функцијата на министер, која е многу компатибилна со професијата на доктор. Попладне продолжувам како политичар и претседател на Алијанса за Албанците – вели Таравари.
На прашањето дали планира да поднесе оставка поради прозивките и барањето на опозицијата поради смртноста на децата на Детската универзитетска клиника, министерот вели дека за да критикуваш, треба да имаш морален кредибилитет.
– Јас не можам да прифатам барање за оставка од луѓе коишто беа криви за пожарот што се случи во модуларната болница во Тетово. Што се однесува до Клиниката за педијатрија, јас ги разгледував статистиките за цела година. Според нив заклучно со 1 декември годинава, најмал е процентот на починати деца. Да беше оваа година стапката на морталитет повисока од сите други осум претходни години, досега ќе беше сменет директорот – вели Таравари.
Тој вели дека пропуст од Државната санитарна инспекција е тоа што специјализантите прегледуваат заедно со специјалисти.
-Ова не е од сега во Македонија. Јас специјализирав од 2002 година до 2006. Уште тогаш, ние како специјализанти работевме заедно со специјалистите, поинаку и не се учи докторската професија – вели Таравари.
За Законот за употреба на јазиците вели дека воопшто не требало да се испрати во Венецијанска комисија уште кога се донесе во 2017 година.

– Законот продолжува да се употребува во државата исто како и порано, со ретки исклучоци на некоја институција каде што директорите Македонци сакаа да покажуваат дека ако не го почитуваме јазикот, ние сме националисти, што мислам дека не е во ред. Законот сè уште е во сила и се надевам дека враќање назад од тој закон нема – вели Таравари.
За претстојните локални избори и за тоа дали има договор со ВМРО-ДПМНЕ како ќе настапат, Таравари вели дека начелно имале договор за урбаните општини во Западна Македонија и одредени општини каде што ВМРО-ДПМНЕ може да има интерес од гласовите на „Вреди“. А коалицијата „Вреди“ секако има интерес од ВМРО-ДПМНЕ.
– Меѓутоа, да речам дека има дефинитивен договор, сè уште нема. Ќе видиме како ќе се доближуваат изборите, а тоа е во октомври. Се надевам дека ќе има една поддршка ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН – вели Таравари.
За вработувањата во здравството вели дека официјално ќе бидат во новата година. Првите триста лекари ќе се вработат многу скоро. Процедурално од Министерството за финансии дозволена е целата процедура, само административно треба клиниките да ги прифатат. За 1.180 генерално средномедицински кадар, веќе има согласност од Министерството за финансии. Само технички треба да ги распределат, односно да ги трансформираат вработувањата од договор на дело во редовен работен однос. За платите во здравство вели дека до 2027 ќе има зголемување за 40% во однос на денешните плати.
– Дозволивме и да се вработуваат докторите од приватните клиники во државни клиники. Имаше забрана до јули 2022 година. Сега веќе е тргната таа забрана и повеќе од десетина доктори се во процедура на префрлање од приватно во државно здравство. Има огромен интерес за враќање, се надевам на уште десетици доктори кои ќе се префрлат. Исто така би сакал ексклузивно да кажам, дека има интерес од доктори кои работат во странство во Шведска, во Данска, во Швајцарија, во Германија, да се вратат во земјата и да дадат нивен придонес – вели Таравари.
Што се однесува до компресорската станица, Таравари вели дека веќе е избрана компанија која треба да работи. До крајот на јануари треба да биде ставена во функција, а старата ќе се користи како резерва и ќе биде поправена. Во меѓувреме се реновираат и хируршките сали.
– Веќе имаме компанија којашто треба да започне со реновирање на девет хируршки сали. А во меѓувреме, веќе се работи и на реновирање на Карил. Тоа беше една од клиниките што имаше полоши услови, а се лекуваат најтешките пациенти. И јас се надевам дека до крајот на идната година ќе имаме комплетно реновирани хируршки сали и комплетно реновирана интензивна нега на Клиничкиот центар – вели Таравари.
За катни гаражи се зборува веќе 4-5 години. Јавната набавка е завршена и веќе е пријавена компанија која треба да ги постави.
– Јас се надевам дека од Нова година ќе започне и со монтирање, и со организирањето на сите паркинг-места во Клиничкиот центар. Во моментот има околу 700 до 800 паркинг-места. Со реорганизација и со новите катни гаражи треба да има минимум 1600 паркинг-места, што е два пати повеќе – вели Таравари.
За евентуалното разрешување на директорката на болницата во Козле, Таравари вели дека одредени директори не успеваат да се снајдат и да ги раководат клиниките како што треба.
– Мене ми треба време да ги разгледам сите тие анкети кои се прават по болниците заедно со нашата екипа во Министерството за здравство. Значи не сакам брзање, се случило нешто и веднаш тој е крив, веднаш да го смениме, или таму имало незадоволни 20, 30 или 50 доктори, да не брзаме – вели министерот.
Тврди дека сите економски директори се разрешени. За спојувањето на Клиниките во една целина вели дека треба да се спојат што поскоро и дека веќе има работна група во Министерството.
– Веќе сме во процедура на спојување, на интегрирање на Клинички центар во една целина, како што беше пред 2007 година. Тука ќе одиме постепено, бавно, сигурно, за да немаме пропусти, за да функционира како една целина. Добро ми кажа еден меѓународен експерт за организација, ако ви требало година дена да ја дезинтегрирате, тогаш двојно или тројно повеќе ќе ви треба време за да ја интегрирате – вели Таравари.
Тој најавува нов Закон за здравство бидејќи се подготвуваме да бидеме членка на Европска Унија. На граѓаните им посакува следната година, 2025 година, да биде успешна и добра.
– Да дадеме максимум сите од себе за да ѝ помогнеме на нашата држава. Бившиот американски претседател Кенеди велел, не прашувајте што државата прави за вас, туку што правите вие за државата. Јас на сите граѓани им посакувам пред сè и над сè здравје, а после тоа среќа. Другото, и не е многу важно, освен здравјете – рече Таравари.