ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Докиќ: Грипот годинава дава полоши симптоми од ковид 19

Д-р. Дејан Докиќ/ Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Преполни амбуланти, високи температури, кашлица. Грип или ковид? Како да ги разликуваме симптомите? Колку луѓе годишно умираат од загаден воздух и како да се заштитиме? Расте ли бројката на заболени од карцином на бели дробови. На овие, но и на многу други прашања „Слободен печат“ на Слободна ТВ утрово одговор побара од проф. д-р Дејан Докиќ директор на Клиниката за пулмологија.

Од пред неколку денови Клиниката за пулмологија доби нов дијагностичкиот центар во кој во една зграда се наоѓаат сите апарати кои снимаат како дигитален рендген апарат, компјутерска томографија која работи во две смени и втор ехо кабинет.

– Кај нас годишно се прават околу 2.200 ехо прегледи сега ќе се прават двојно повеќе, околу 4.500. Се дуплира и бројот на прегледи во бронхоскопската сала. Тоа е единствен начин да се утврди карцином на бели дробови. Превидено е да се прават до 2.000 бронхоскопии на годишно ниво-вели Докиќ.

Според него карциномот на бели дробови е број еден карцином од кој заболуваат мажите.

– Во месеците кога има аерозагадување имаме и влошување на состојбата кај хроничните белодробни заболувања. Тогаш хроничните пациенти почесто доаѓаат на нашата клиника и подолго се задржуваат. Загрижувачки е и порастот на бројот на пациенти со карцином на бели дробови. Можеби сега има повеќе шпекулации зошто и како. Во текот на пандемијата бевме фокусирани само на неа. Сите други болести беа во втор план како рана дијагноза на карциноми, скрининг. Сега гледаме задоцнети метастазирани состојби на карцином кои тешко или воопшто не можат да се лекуваат. Затоа заедно со Министерството за здравство разговаравме да се прави ран скрининг на карцином на бели дробови-вели Докиќ.

Докторот вели дека не се знае дали зголемената бројка е како резултат на новозаболени од загадување или се стари случаи кои не се на време откриени. Машката популација предничи, но женска полека ги стигнува мажите и се почесто се дијагностицира карцином на бели дробови кај жени.

– Секоја болест па и карцином ако е во рана фаза откриен е излечлива болест. Метастазиран карцином е нелечлива болест-вели Докиќ.

Тој објаснува дека по прекин на пандемијата секоја година на клиниката имаат одреден број на лежечки пациенти со ковид.

– Лани имавеме 48 лежечки пациенти од кои двајца починаа. Во овој период иако имаме ковид тој е помалку застапен. Клиничката слика на заболени со ковид е многу полесна од пациенти кои имаат грип кој доминира. Годинава двајца повозрасни пациенти со многу коморбидитети и со тешка клиничка слика починаа. Излегува дека симптомите со грип се многу потешки отколку на ковид-вели Докиќ.

Според него во моментов докторот не може да дијагностицира дали станува збор за ковид или грип врз основа на клиничка слика. Ако треба да се направи некоја споредба Докиќ вели дека температурата е повисока кај заболени од грип отколку кај заболени од ковид, потешка е клиничка слика, има кашлица, главоболка, а може да се јави и дијареја.

– За ковид клиничка слика е поблага и без дополнителни испитувања не може да се детектира. Многу е важно да се утврди дали пациентот боледува од ковид или грип за да се дадат соодветни антивирусни лекови-вели Докиќ.

За загадувањето вели дека е главен причинител за карцином на бели дробови.

– Познато е дека ПМ честиците можат да бидат од 10 микрометри 2,2 микрометри и помали од 1 микрометар. Самата големина на оние од 2,2 и помали од еден микрометар покажува дека се депонираат во малите дишни патишта, па дури и во алвеолите. Нивното штетно дејство доста често е поврзано со карцином на белите дробови. Додека ПМ 10 честиците повеќе се депонираат во горните дишни патишта и во проксималните делови на долните дишни патишта-вели Докиќ.

Тој објаснува дека не треба да заборавиме дека ПМ честиците може да доведат до влошување на работата на сите други органи, па дури да влијаат и на репродукција.

– Загадувањето може да биде причина за влошување на клиничка слика кај срцеви болни. Секој пациент во овој период не само поради аерозагадувањето туку и поради изложеност на инфекции од вируси кои доведуваат до инфекции, треба да зема антиоксиданти. Витамини Ц, витамин Д. Потоа цинк, сето тоа не може да делува штетно на организмот, а делува на имунитетот-вели Докиќ.

Докиќ објаснува дека носењето на маски е неопходно посебно од болнитеза  да не ја шират инфекцијата.

-Маските Н 95 треба да се носат во болници, во банки, онаму каде што се вадат лични документи. За да се заштитиме од аерозагадување ни требаат маски со хепа филтер кој се менува на одредено време- вели Докиќ.

За пикот на грипот вели дека ни е на прагот и се очекува на крај на јануари или почетокот на февруари.

Целото интервју погледнете го во продолжение: 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот