ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Диџеј Мац: Публиката многу повеќе ги сака постарите македонски хитови

Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Марјан Петровски или познат како диџеј Мац дваесетина години активно учествува во градењето и одржување на ноќниот живот во Скопје и во Македонија. Неговите забави се карактеристични по тоа што покрај хип-хоп музиката, која ја преферира, тој соработува со наши познати музичари и организира забави со македонска музика. Диџеј Мац за утринската емисија „Слободен печат“ раскажа за ноќниот живот во градот, каква музика сака публиката и дали имаме активна музичка сцена во Македонија.
Покрај тоа што од свои 18 години се занимава со диџејство, тој по струка е медицински лаборант, професија што во моментот ја ставил во мирување.

– Секогаш медицината и музиката одат заедно. Најдобрите и најуспешните операции се направени во позадина со тивка музика, за опуштање и за смирени раце. Јас приватно 30 отсто од времето слушам хип-хоп, а поголемиот дел сакам да слушам поопуштена (чил) музика, за одмарање, кога можеш да одмориш и паралелно да си направиш сет со некој концепт, бидејќи кога си смирен, можеш и продуктивно да размислуваш. Поради тоа што сум романтична душа, ја сакам Селин Дион, па понекогаш и Енја, што многумина ги изненадува, со оглед на моите вообичаени хип-хоп забави, кои се поенергични – вели диџеј Мац за својот музички вкус.

Во музичките кругови често кружи ставот дека диџеите се во суштина нереализирани музичари, поради тоа што некои од нив не создаваат, продуцираат, ниту, пак, изведуваат музика, туку само ја презентираат пред публиката. Со оваа констатација не се сложува диџеј Мац, кој вели дека и диџеите се реализирани музичари.

– Диџеите се и продуценти на музика, тие ја прават музиката, конкретно јас не сум продуцент, меѓутоа знам да направам ремикс на песни. Апсолутно тврдам дека и ние сме реализирани музичари, затоа што го работиме она што го сакаме, ја сакаме музиката и преку неа знаеме да бидеме иновативни, да направиме добар ремикс од песната или добро да споиме две песни – вели диџеј Мац.

Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

За вкусовите не се зборува, но музичкиот вкус на публиката ја одредува и културата на еден народ. Следствено на тоа и разочарувањето поради напливот на балканска музика во ноќните локали во Македонија.

– За жал, порасна процентот на балканска музика во ноќните локали и тоа многу повеќе од странската. Според мене, музиката е култура, но се менуваат времињата, се менуваат генерациите и сега е поголем процентот на таа балканска музика, иако сѐ уште постојат оние што си ја сакаат странската музика. И да бидам искрен, ние како диџеи се бориме да излеземе на крај, бидејќи на сопствениците на локалите полесно им е со балканска музика да направат повеќе пари. Добро се заработува, но треба и да се потрудиш за да стигнеш до таму каде што сум стигнал јас, да стекнеш име и искуство, па со самото тоа расте и цената – вели диџеј Мац.

Диџеј Мац го познаваат и по забавите со македонска музика, кои во последно време се сѐ почести и сѐ повеќе ги сака публиката.

– Треба да си ја чуваме и негуваме македонската музика, затоа што мошне малку го правиме тоа, а гледам дека луѓето ја сакаат. Затоа, по коронавирусот кога правевме онлајн настани со македонска музика, решив тие да ги организирам и по локалите, па канам и гости од музичката сцена, каде што пуштам исклучиво македонска музика, па потоа гостинот настапува со свои песни. Често настапувам со Ламбе, Сара Мејс, Тони Зен и имам уште многу планови што сакам да ги реализирам, но да не форсирам, сакам да оди постепено и да трае. Инаку да бидам реален, многу подобро поминуваат постарите песни, што не значи дека новите не се добри, меѓутоа, самата публика кажува дека многу повеќе сака постари хитови – вели диџеј Мац.

Целото интервју со диџеј Мац можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот