Др - Андреј Петров - Фото - Слободен печат / Драган Митревски
Др - Андреј Петров - Фото - Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Петров: Прво ласер, па ботокс и филери за подмладување

Можно ли е да се спречи стареењето? Дали со ласер е можно да се подмладиме и за колку? Што е со ботоксот и со филерите? Утрово за подмладувањето, меѓутоа и за естетската дерматологија во емисијата „Слободен печат“ зборуваме со професор доктор Андреј Петров од приватната болница „Аџибадем Систина“.

Докторот вели дека повеќе од 12 години работат со најсофистицирани ласери.

-Работиме со најсовремени ласери. Ги користиме најчесто за сечење на одредени израстоци на кожата. Работиме и со ласер за васкуларните интервенции. Имаме 2 ласери со кои работи делот за отстранување на влакна. Но користиме и ласер за подмладување. Третманите обично се прават три пати или четири пати. Има минимален дискомфорт, заради тоа ние нанесуваме локален анестетик. Се подмладува кожата на лицето, на вратот, но и на други делови од телото – вели Петров.

По третманот има црвенило кое е различно, зависно од каков тип на ласер сте употребиле, а максимално кожата се враќа во нормална состојба по 7-9 дена.

– Има посттретманско црвенило, кое е очекувано и треба да му се објасни на пациентот претходно, бидејќи секогаш објаснувањето пред почетокот на третманот е објаснување, а објаснувањето после завршувањето на третманот обично е извинување – вели Петров.

Тој вели дека кожата се подмладува за шест месеци до година, тоа е индивидуално, во зависност од пациентот и од квалитетот на кожата. Се отстрануваат површни флеки на лицето, проширените пори се затвораат, површните лузни се отстрануваат и на тој начин се подобрува целиот изглед.

– Овие естетски третмани се единствената алтернатива на хируршкиот лифтинг, кој го прават колегите пластични хирурзи и доколку сето ова не е доволно, тогаш се оди на хируршки лифтинг, таканареченото подигнување или затегнување на кожата со хирургија – вели Петров.

Др - Андреј Петров - Фото - Слободен печат / Драган Митревски
Д-р Андреј Петров – Фото – Слободен печат / Драган Митревски

Освен за подмладување, ласер се користи и за трајна епилација. Објаснува дека треба да се повтори најмалку шест пати, а ефектот зависи од типот на влакната.

– За целосен ефект за подмладување после ласер се користи ботулином токсин или популарно наречен ботокс. Третманот се повторува на шест месеци. За пополнување на ткивото се користат филери за корекција на длабоки брчки или за подигнување на устата. Се користат и за корекција на одредени делови кои се пропаднати со текот на времето – вели докторот.

За тоа кој боцка со ботокс и филери, докторот вели – кој ќе стигне. Боцкаат и стоматолози, но и козметичари.

– Тоа е многу лошо и тоа е еден глобален тренд, но ние сега иницираме измени во одредени законски процедури, кои мислам дека за брзо време ќе се најдат во Собрание. Со овие измени точно ќе се знае кој може да работи со ботокс и филери и за сите кои незаконски работат ќе следат санкции – вели докторот.

Апелира до сите пациенти да ги користат услугите на сертифицирани доктори. Интервенциите да се прават во медицински установи бидејќи можни се многубројни компликации. На прашањето дали има некаква долна и горна граница за користење на ботокс докторот вели дека се чуди како деца на 18 години доаѓаат со барања за подмладување.

– Гледам и се чудам. Мислам дека прво треба на детето да му овозможите простор да созрее. И не мислам дека 18 години е возраст кога треба да се почне со тоа. Околу 25 години е најраната возраст за користење на ботокс бидејќи може превентивно да делува на стареењето на кожата – вели Петров.

За екстремните барања на пациентките околу вградувањето на филери вели дека работи по светски норми.

– Честопати ми се случило да дојде пациентка за пополнување на устата, и јас да ставам еден милилитар во двете усти, а таа да ми рече дека сака уште. Добива одговор дека кај мене не може. Можете тоа евентуално да го побарате на друго место, но тука има протокол, има начин како се прави тоа. Докторот не е должен да ги исполнува желбите на пациентите – вели Петров.

Објаснува дека има пациенти кои му доаѓаат и со фотографија како сакаат да изгледаат после боцкање. Повеќе од пациентите му се жени.

– Имам повеќе жени за естетски интервенции, а генерално имам повеќе мажи за медицински процедури. Оно што можам да заклучам е дека жените се многу подисциплинирани од мажите – вели Петров.

За себе вели дека досега не користел ботокс и филери, што не значи дека не му треба.

-Колешките кои работат со мене ми велат дека ми треба. Ласерски сум правел некои корекции на одредени работи, тоа биле повеќе израстоци на кожата, сите ласери кои доаѓаат прво ги пробувам на себе за да знам како функционираат – вели Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот