ВИДЕО+ФОТО | Шарпланинските реки станаа поточиња, хидроцентралите безмилосно ја земаат водата

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Шарпланинското подрачје е веќе заштитено со закон, но природата не. Во Националниот парк „Шар Планина“ има 13 хидроцентрали изградени главно на Лешничка и река Пена како и на Вејачка река.

Вејачка река/ Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Но, централите според Националниот парк во речните корита не го пуштаат биолошкиот минимум на вода, што прави ненадоместливи штети за биодиверзитетот, особено за рибниот свет.

Освен што не го пуштаат биолошкиот миниум на вода, откако ќе ги изградат, сопствениците на хидроцентралите  не ги враќаат локациите,во првобитна состојба.

Класичен пример се хидроцентралите на Вејачка река каде е уништено речното корито, а на негово место е изграден пристапен пат кој го користела градежната механизација додека се граделе централите. Но, локацијата и покрај законските нормативи не е вратена во првобитна состојба.

Вејачка река/ Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Голем дел од водниот ресурс на реката завршува во цевки кои се под земја. Па така водата наместо да се испушта во речното корито откако од неа ќе се прозведе струја, таа завршува во други цевки од друга хидроцентрала, додаваат од установата.

Сега наместо реки препознатливи по големата издашност, на Шара имама поточиња и изворчиња.

Од Националниот парк Шар Планина, велат дека камењата и карпите останати после градежните активности кога се градени хидроцентралите, еден ден можат да завршат во градот.

– За неколку години, зависи кога ќе ни дојде, овие камења што ги гледаме крај оваа река, еден ден ќе ни дојдат во градот Тетово. Секако тука реката не е во овој агол како што го гледате тука и во реката има минимум вода од изворите што се под хидроцентралата. Што сакам да потенцирам? Дека не го почитуваат нормативот или биолошкиот минумум што треба да биде во самата река, вели Ибрахим Дехари директор на Националниот парк Шар Планина.

Дехари вели дека мора што поскоро да реагираат и другите институции на системот, во спротивно има голем ризик од лизгање на земјиштето.

Да не дозволиме да ни се повторат поплавите кои беа и со човечки жртви, додава тој.

– На пример над Голема Речица каде што имавме поплави пред повеќе години, состојбата со реката е слична, дури и уште полоша. Затоа апелирам локациите да се вратат во првобитната состојба и да се преземат мерки тие големи камења што се во реката да ги преместат и да биде реката во нормална и природна состојба, вели директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари.

На шарпланинскиот масив има 13 хидроцентрали. Единаесет од нив се во функција, додека две се започнати да се градат пред да се прогласи Шара за Национален парк.

Директорот Дехари вели дека борбата ќе продолжи и нема да дозволи продолжување на градежните активности за доизградба на двете централи оти се работи за заштитено подрачје, а секоја активност во Националниот парк носи повеќе штата отколку корист.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот