
ВИДЕО | Живее во гаража со семејството: Малку е тесно и сите нѐ жалат, но мене ми се допаѓа и е поевтино
Јутјуберката Џејн Дилон Хорнер од Лос Анџелес живее во реновирана гаража заедно со нејзината мајка и сестра, и ѝ се допаѓа и покрај тоа што е тесно.
Препорачано
За да заштедат простор, тие живеат во гаражата каде имаат модуларна маса која може да се прошири доколку е потребно и отворен гардеробер за облека. Голем дел од собата е нивниот голем кревет, кој Џејн призна дека го дели со нејзината мајка, пренесува „Сан“ (The Sun).
Со трошоците за изнајмување и купување недвижен имот, некои луѓе стануваат креативни кога станува збор за просторот за живеење.
Џејн Дилон Хорнер сподели видео со обиколка на нивниот мал дом во Лос Анџелес.
– Денеска ќе ве одведам низ мојот дом, реновираната гаража и ќе ви кажам како и зошто живеам овде со моето семејство. Можеби нема смисла да живеам во гаража, но всушност е прилично кул. Целосно е климатизирано, има струја, вода, сѐ, тоа е мал дом со гаражна врата на ѕидот – објаснува Џејн.
Рекла дека некои ја жалат кога ќе дознаат каде живее, но всушност не ѝ треба сожалување.
– Не се срамам што живеам овде, сакам да живеам овде. Тоа е во мојата омилена населба во Лос Анџелес. Овде е супер ново, модерно и симпатично – истакнува таа.
При влегувањето во гаражата се гледа првиот кат, односно спална соба, кујна, дневна соба, еден вид просторија за секого.
– Немаме машина за миење садови, миеме на рака – признава таа.
– Веројатно многумина од вас ќе се изненадат од ова, но јас и мајка ми го делиме креветот кога сум овде. Можеби би било проблем ако не се согласуваме толку добро, но никогаш не се караме, така што сè функционира многу, многу добро. Знам дека не можат сите мајки и ќерки да направат такво нешто, па затоа сум навистина благодарна – вели Џејн.
Горе е туш кабината и спалната соба на нејзината сестра, но Џејн вели дека тие научиле да бидат многу тивки кога поминуваат покрај неа во текот на ноќта. Еден од нејзините омилени делови од куќата во гаражата е можноста целосно да ја отвори вратата, пренесува „Сан“ (The Sun).
– Мислам дека е навистина кул, особено ако е многу загушливо или ако некој готви, можеме да го отвориме целиот ѕид и да ја пуштиме светлината – додава таа.
Џејн објасни зошто живеат во гаражата.
– Најдобрата пријателка на мајка ми живее во куќата со која е поврзана нашата гаража. Приватноста никогаш не е проблем, ние сме многу блиски како семејство. Изнајмувањето куќа е многу скапо во Лос Анџелес. Пријателката на мајка ми ја изнајмуваше гаражата, но таа претпочита нејзините пријатели да бидат таму – објаснила таа.