
ВИДЕО | Весна Петрушевска повторно во болница: Ја очекува четвртата операција
Познатата актерка Весна Петрушевска повторно се наоѓа во болница, каде што ја очекува четвртата операција за само една година. Таа отворено зборуваше за својата здравствена состојба и за предизвиците со кои се соочува, преку серија видеа што ги објави на „Инстаграм“.
Препорачано
Весна откри дека иако минува низ тежок период, се обидува да остане храбра и смирена, потсетувајќи дека животот понекогаш нè тера сами да се соочиме со своите стравови.
„За овие година и пол дена, сама си одам во болница, сама си се враќам, си докажувам себеси дека можам сама и дека свесно ги избегнувам оние моменти на непотребни емотивни состојби. Животот е тука да нè научи да бидеме храбри, да се бориме и да научиме да бидеме сами, оти сами доаѓаме на овој свет, сами си одиме“, вели Петрушевска.
Актерката додаде дека иако се плаши од игли, решена е да ја сподели својата приказна преку „дневник“, со цел да им даде поддршка на жените кои минуваат низ слично искуство.
„Многу жени имаат рак на дојка и мастектомија. Да ве потсетам дека во Македонија смртноста од рак на дојка е 99%, додека во Словенија е 1%. Ако го откриете на време, може да се спасите – тој не мора да биде животозагрозувачки“, истакна таа.
Весна објасни дека сега следува постмастектомска фаза, во која треба да се изврши проширување на кожата и поставување протеза, за да се направи масивна реконструкција и да се врати телесната рамнотежа.
„Кога сте кастрирани, ја губите и вашата сексуалност“, додаде искрено, нагласувајќи дека оваа борба е подеднакво физичка и психолошка.
На крај, Петрушевска испрати силна порака до сите жени кои се соочуваат со болеста:
„Најтопла порака до сите што сте како мене – не сте сами. Жените се најголеми борци, можат сè. Ова ми е четврта операција за една година, и многу е чудно како сум спокојна. Полека дишам, не оптеретувам луѓе околу себе. Сметам дека тоа мора сам да го преживееш.“
Актерката во објавата ја покажа и својата болничка соба, со што уште еднаш докажа дека не се плаши да зборува отворено за теми за кои многумина молчат – со храброст, искреност и со верба во подобро утре.