Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Тревога во Германија: Два града обвиени со опасен портокалов облак

Голема вонредна акција е во тек во германскиот град Мајнашаф по индустриски инцидент кој предизвика испуштање гасен облак.

За време на хемиска несреќа во индустриски погон во Мајнашаф, во близина на градот Ашафенбург (Долна Франконија), бил ослободен гасен облак.

Пожарникарите во заштитна опрема со часови се бореле против опасна хемиска реакција во голем резервоар на компанијата. Две лица во околината на фабриката завршиле со повреди.

Во интервенцијата биле вклучени околу 250 пожарникари, соопшти портпарол на противпожарната служба, објави германски „Пи-ез њуз“.

Портокалов гасен облак излегол од резервоар со 6.000 литри азотна киселина

Можно е при инцидентот да биле ослободени и отровни гасови. Портокалов гасен облак излегол од голем резервоар со околу 6.000 литри азотна киселина и се издигнал високо во воздухот. На снимки се гледа како облакот се издигнува кон небото во доцните попладневни часови.

Мерењата на пожарникарите подоцна покажале дека на растојание до пет километри од местото на несреќата првично немало честички на штетни материи во воздухот. Азотната киселина е силно корозивна. Таа самата не е запалива, но бурно реагира со други материи, што може да предизвика и пожар или експлозија.

Метално парче можеби ја предизвикало несреќата

Можно е метален предмет, што паднал во резервоарот, да ја предизвикал реакцијата. Според портпарол на пожарникарите, токму во резервоарот, исполнет со азотна киселина, паднало метално парче. Пожарникарите го ладеле резервоарот со вода за да ја забават хемиската реакција, што постепено успевало. Бојата на чадот од резервоарот вечерта се променила од портокалова во бела.

Гасен облак над Ашафенбург

Голем облак чад се движел вечерта над регионот, а вечерта властите прогласиле тревога. Сојузната служба за цивилна заштита предупредила на можен отровен гасен облак. Градските власти ги повикале граѓаните да останат во домовите и да ги внесат луѓето однадвор.

Граѓаните беа повикани да примат привремено загрозени лица, да им помогнат на децата и на оние што имаат потреба, како и да обрнат внимание на известувањата од полицијата и од пожарникарите. Исто така, им било препорачано да ги затворат вратите и прозорците и да ги исклучат вентилационите и климатизациските системи.

Мајнашaф граничи директно со Ашафенбург. Градските власти таму за некои делови од градот веќе издале известување за укинување на алармот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот