ВИДЕО | Тензично на седницата на Советот на Град Скопје: Жестока кавга и навреди меѓу Арсовска и Славески

Славевски и Арсовска во клинч/Фото: Скриншот

Жалиме што скопската јавност уште еднаш беше сведок на самоволието, некултурата и немањето на доволен демократски капацитет на претседавачот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски. Во ниту еден случај, Советот не смее да биде оставен во рацете на човек кој нема основни морални и етички прерогативи, соопштуваат од Град Скопје по денешниот инцидент на седницата на Советот.

Невидено и недозволено е, 45 совентици, претставници на скопјани да бидат заложници на копчето на Трајко Славевски кој денес ја одложи седницата за советнички прашања бидејќи наводно му била одземена можноста да исклучува говорници кога не му се допаѓа нивниот говор.Скопјани не се должни на сопствена штета да трпат последици поради хировите на еден човек кој има една, единствена и основа задача – воведување на едноумие по примерот на неговиот политички ментор – Христијан Мицкоски – се вели во соопштението од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека  Трајко Славевски треба да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, со цел да се спречи блокирањето на функционирањето на градот и претпријатијата на градот Скопје, смислената хајка поради политичката нетрпеливост и поради потребите на ПР тимот на Христијан Мицкоски. Недозволиво е, како што стои во соопштението, граѓаните на градот Скопје поради потребите на оваа политичка групација која институционално, но и вон-институционално прави сѐ да прикаже „неспособност” на градската администрација, тоа да го прави на штета на скопјани.

Против претседавачот на Советот на град Скопје Трајко Славевски, Град Скопје поднел итна претставка до Министерството за локална самоуправа и Инспекторатот за локалната самоуправа поради тешки прекршувања на Уставот во член 16. Законот за локална самоуправа во член 48. и Деловникот град Скопје во член 57. Од Градот апелираат  министерството и инспекторатот веднаш да ја разгледаат претставката и соодветно да реагираат во корист на скопјани.

Реагираа и од ВМРО – ДПМНЕ кои пак велат дека се згрозени  од недоличното однесување на Арсовска.

Згрозени сме од недоличното однесување на Данела Арсовска, која како градоначалник, наместо како пример за добро однесување и управување е пример како не смее да се однесува јавен функционер. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ го поддржува правото Славески да го спроведува деловникот дословно. На македонската јавност и е преку глава од циркузот кој го организира власта, па згора на се сега треба да го гледа и циркузот во режија на Арсовска. Да посветуваше толку внимание на работа и проекти, немаше Скопје да биде руиниран град. ВМРО-ДПМНЕ не сака и не е да биде дел од циркузот на Арсовска – соопштуваат од партијата

Во тензична атмосфера и со меѓусебни кавги и обвинувања на претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска помина денешниот обид да се одржи седницата на Советот посветена на советнички прашања. Кавгите беа околу „исчезнатиот“ микрофон на главната говорница кој Славески го зема и го стави под неговата маса откако службите не му го вратија копчето со кое може да го исклучи микрофонот на градоначалничката и советниците доколку не се придржуваат на дневниот ред и Деловникот за работата.

Расправијата кулминираше со навреди упатени од Арсовска кон Славески, кого таа го нарече Хитлер и ситен „лопов“, по што тој, како што рече, поради недолично однесување на градоначалничката, ја прекина седницата. Потоа градоначалничката повика и полиција обвинувајќи го Славески дека го украл микрофонот.

Пред почетокот на седницата, Славески јавно го повика Инспекторатот за локална самоуправа да интервенира во Град Скопје заради попречување на работата на Советот и одземање на ингеренциите на претседателот на советот.

Како што објасни Славески, нему му било оневозможено да го спроведува Деловникот од аспект на спроведување на редот во салата, давањето и одземањето збор, контролата на времето на дискусии и слично, затоа што некој неовластено ја изнел потребната опрема за таа намена од салата.

– Тоа беше и причина за одредени тензии на изминатите две седници. Јас како претседател на Советот во неколку наврати и усно и писмено се обратив да му се овозможи на претседателот на советот тоа деловничко и статутарно право, дури потпишав и една наредба до Секторот за општи работи, но до овој момент не е постапено по неа – рече Славески.

Откако не беше вратена опремата со која претседателот на Советот Трајко Славески може да го спроведува редот во салата и да дава и одзема збор, беше тргнат микрофонот од главната говорница и советниците започнаа да поставуваат прашања од своите места.

По три поставени прашања од координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата, Љубица Јанчева до градоначалничката Данела Арсовска, Арсовска излезе и се обиде без микрофон да одговори, игнорирајќи го предлогот на Славески да седне некаде каде има микрофон. Изреволтиран, претседателот на Советот даде 15 минути пауза.

Но, ниту по паузата не се смени атмосферата. Арсовска излезе повторно да одговара од говорницата, пришто вработен од градските служби и прикачи микрофон на палтото. Славески повторно ја прекина седницата, овој пат поради неовластено поставување микрофони.

Господине Хитлер не сметам дека ви доликува да го правите овој циркус овде. Навистина е недолично ова што го правите. Прво го кршите уставот, второ сте ситен лопов и сте човек којшто краде и не е во ред ова што го правите! Крадете. Тој микрофон е сопственост на Град Скопје и на службите овде – рече Арсовска и ја напушти говорницата.

Продолжението на седницата за советнички прашања е закажано за 14 ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот