ВИДЕО: Со акцијата “Биди и ти Дедо Мраз” израдувани 27 младинци без родители

Здружението „За тебе“ викендов израдува 27 млади лица кои до својата 18 годишна возраст имале статус на деца без родители. Тие добија подароци собрани од акцијата „Биди и ти Дедо Мраз“.

– На почетокот на кампањата бевме малку скептици бидејќи само три компании сакаа да се вклучат, но потоа за само три дена се случи вистински бум, се појавија Дајнерс клуб, ДМ, Киносенс, Наше Такси, Факултетот за туризам и менаџмент, Јосиф Дамјановски кој донираше здрави намирници и Марија која донираше мобилен телефон, како и многу индивидуални донатори кои сакаа да останат анонимни, вели Цеце Николова, претседателка на Здружението.

Реакцијата на младинците кои ги добиле подароците била очекувана, со оглед на тоа што никој досега не им посветил толку внимание и љубов.

– Сите беа презадоволни од коктелот кој го организиравме и нагласија дека никој досега не им посветил толку внимание и не направил нешто толку убаво за нив. Знам какво е тоа чувство бидејќи и самата сум дете без родителска грижа. Детството го поминав во СОС Детското село, а по напуштање на домот поминав низ тежок период пред да успеам да се пронајдам себеси. Но, за среќа јас ги имав вистинските луѓе околу мене и успеав многу лесно да го изодам тој пат. Сепак, сфатив дека моите врсници немаат таква среќа и поддршка како мојата. Затоа одлучив да ја основам оваа организација со која барем малку ќе им помогнам, вели Цеце Николова, која е успешна млада новинарка.

Таа ги повика во Новата година и институциите да се вклучат во поддршката на младинците кои ги напуштаат домовите за деца без родители.

– Наши главни поддржувачи се општествено одговорните компании и хуманите граѓани. Се` уште немаме соработка со институциите, но се надеваме дека следната година работите ќе се променат на подобро, со тоа што институциите ќе сфатат дека на овие млади луѓе им е потребна поддршка, вели Николова.

Оваа акција се одржува по втор пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот