ВИДЕО | Смаиловиќ: Tероризмот не е инспириран од исламот, туку од радикализирани идеи, злоупотреба на верско учење или политичка ситуација

Како муслиманка не можете да останете рамнодушна и секако вознемирува кога јавноста ги идентификува терористите со исламот, потенцираше во Утрински брифинг, активистката Мерсиха Смаиловиќ.

Зборувајќи за неодамнешниот терористички чин во Виена, Смаиловиќ предупредува дека гревовите на еден терорист не можат да бидат олицетворение на исламот како религија.

„И терористот и жртвата и хероите и полицијата, сите имаат конекција со Балканот. Ако имаме потреба да ги идентификуваме по националност, по религиска припадност, по држава, тогаш тоа зборува каква е Виена, град кој по сите истражувања е најбезбедниот град и ова што се случи секако ги вознемирува луѓето. Како муслиманка, не можете да не бидете вознемирена кога ги читате сите тие бомбастични наслови и изјави кои беа објавувани за време, на и по терористичкиот напад“, вели активистката.

Таа смета дека нема причина, како што се виде претходните неколку денови, единствената дефиниција која му се дава на терористот да биде „муслиман“ бидејќи тоа влијае на цела една религиска заедница.

„Новинарите и медиумите единствената дефиниција која ја даваа за терористот во Париз, Ница, сега Виена, беше терминот „муслиман“. Тероризмот како ужасен, врвен чин на насилство во себе нема никакви идентитетски близини со муслиманството, христијанството и други. Нема тероризмот ништо со исламот. Ако кажете муслимански терорист, а јас сум муслиманка, вие наведувате дека некогаш во иднина јас сум потенцијален терорист. Тероризмот не е инспириран од исламот или тоа што е Албанец, туку од радикализирани идеи, злоупотреба на верско учење или политичка ситуација. Припадноста не не прави терористи“, потенцира Смаиловиќ.

Таа направи компарација на известувањето на македонските медиуми кога известуваа за терористичкиот напад во Австралија.

„Кога Брејтон Тартон влезе во две џамии, уби 21 лице и е осуден за тероризам…кај нас е тој дефиниран за „напаѓач“, а всушност е класичен, осуден терорист. Со некои новинари со кои соработуваме, кога ќе ги прашам зошто е едниот напаѓач (Австралија) а другиот исламизиран терорист (Виена), често велат несвесно, поради превод на вести и слично, а ние муслиманите треба да се извинуваме за гревовите на еден терорист“, објаснува активистката.

Според неа и муслиманската заедница не прави доволно за да го предизвика тој стереотип, напоменувајќи дека ИВЗ мора да направи поголем исчекор, да направи ако треба и тренинзи за новинари, за населението, за теолозите, за експертите…како да се користат термините, бидејќи е чувствителна тема.

Кога се работи конкретно за Македонија пак, истражувањата покажувале дека говорор на омраза кон муслиманите, најчесто се врзува со реториката на политичарите.

„Еден од извештаите каде што се бележи најголем раст на исламофобија е извештајот од 2017, што се поврзува со локалните избори. Така да тој момент на социјална активизација да се раздвоиме и да се етикетираме, секогаш во Македонија е поврзана со изборите кога политичарите добиваат поголема сила. Во 2017 година, клучниот тригер за да прсне исламофобијата беа локалните избори, кога исламофобијата не беше насочена кон мигрантите туку кон муслиманите. Омразата на социјалните медиуми пак, кога ги следевме вестите за идентитетот на терористот во Виена, тука гледаме скриени чувства од 2001 година и имаме потреба да кажеме дека тоа не е така. Политичките партии и политичарите дефинитивно се тригерот за говорот на омраза и мора да внимаваат на својата реторика“, изјави Мерсиха Смаиловиќ во Утрински брифинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот